Фото: „Нова Македонија“

ШАХ

Ју Венјун од Кина победи во осмата партија на дуелот со сонародничката Тан Жонгји во Чонгкинг (Кина) и е на половина поен до одбрана на титулата светска шаховска првенка, откако сега води со 6-2.
Вкупно треба да се играат 12 партии, а првата шахистка што ќе освои 6,5 поени ќе стане светска првенка, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ) на својата интернет-страница.
Ако по 12 партии биде нерешено, 6-6, за светската титула ќе се решава со партии со побрзо темпо на игра, и тоа прво во забрзан шах, а ако е потребно, потоа и во брз шах. Денеска е слободен ден, а деветтата партија на програмата е утре, во која Венјун ќе ги има белите фигури.
Венјун е светска шампионка од 2018 година (титулата досега ја одбрани трипати), а Жонгји беше планетарна првенка од 2017 до2018 година. Н.М.