За разлика од 2023 година кога кичевските пожарникари забележаа вкупно 217 интервенции, во 2024 година бројот на интервенции беше далеку поголем и изнесуваше 276. Според бројот на интервенции на вработените во ТППЕ Кичево во првиот квартал годинава кога беа регистрирани 53 интервенции, може да се очекува бројот на интервенции во тековната година да биде помал споредено со изминатата година или на рамништето од 2023 година, вели командирот Горан Соколески.
-Во секоја календарска година бројот на пожари, а со тоа и бројот на интервенции е непредвидлива категорија, и имаме големи варијации во тој однос. Така во 2024 година имавме поголем број на интервенции споредено со 2023 година. Минатата година од 276 интервенции на нашите вработени 244 беа пожари и 32 технички интервенции. Во тековната година кумулативно изразено, во првото тромесечие имавме вкупно 53 интервенции од кои 49 пожари и 4 технички интервенции. По месеци, во јануари регистрирани се 9 интервенции од кои 8 пожари и една техничка интервенција. Во февруари регистрирани се 10 интервенции со 8 пожари и две технички интервенции и во месец март се бележи драстичен пораст кога се регистрирани 34 инервенции од кои 33 пожари и една техничка интервенција – истакна командирот Соколески, и нагласи дека ТППЕ Кичево располага со 4 противпожарни возила и функционира со 29 пожарникари.
Тој посочи дека секоја година е крајно неблагодарно да се тврди дали овој човечки и технички потенцијал се доволни за да можеме да бидеме ефикасни на терен и навремено да ги отклониме сите опасности што можат да ги предизвикаат пожарите. З.А.