Фото: Принтскрин

Началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајот Сашко Лафчиски денеска истакна дека петгодишнината од пристапувањето на земјава во НАТО не ја покажува само нашата посветеност кон колективната безбедност туку дека тоа е и одраз кон нашата непоколеблива посветеност кон демократските вредности, слободата и стабилноста.

Пред пет години, рече Лафчиски, исполнивме една од нашите најзначајни стратешки цели – членството во НАТО, а патот не беше воопшто лесен. Денес, додаде началникот на ГШ на Армијата, нашата одлучност, напорната и посветена работа е лесно препознатлива.

-Нашите војници гордо го носат македонското знаме во составот на истурените сили на Источното крило на НАТО во Романија, Бугарија и Летонија. Припадниците на Армијата распоредени во мисијата КФОР на Косово заедно со останатите земји-членки на НАТО секојдневно се грижат и допринесуваат за регионалната безбедност, стабилност и мир. Како дел од најмоќното воено семејство рамо до рамо со нашите сојузници подготвени сме да ги браниме суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји согласно концептот за одвраќање и одбрана на Алијансата- рече Лафчиски.

Во изминатите пет години, нагласи тој, успеавме значително да ги подобриме и способностите на Армијата.

– Дополнително успеавме да ги поставиме идните приоритети и да ги идентификуваме предизвиците за периодот што претстои, период во којшто со успех треба да го заокружиме трансформацијата, модернизацијата и опремувањето на Армијата. Период во којшто мораме да ги апострофираме нашите силни страни, да ги адресираме нашите предизвици и да се подготвиме за променливата платформа на глобалните предизвици во 21 век. Наша цел продолжува да биде создавање на современа, мобилна и технолошки напредна Армија- рече Началникот на Генералштабот на Армијата.

Како што потенцираше, нашето членство во НАТО е гаранција за мир и стабилност во земјата, но и основа за напредок и симбол за нашата посветеност. Нека оваа годишнина, додаде Лафчиски, биде потсетник дека заедно сме посилни.

Изразувајќи длабоко сочуство и почит кон жртвите во Кочани, Лафчиски рече дека оваа загуба е неизмерна болка за семејствата, најблиските и целата нација. На повредните им посака брзо закрепнување и сила да продолжат напред и им порача дека не се сами, и дека нивната нивната борба е и наша борба.

-Во овие тешки моменти видовме и надеж, видовме херои, млади луѓе кои покажаа невидена храброст, спасувајќи животи жртвувајќи го сопствениот живот. Видовме брза реакција и беспрекорна координација помеѓу институциите, видовме дека заедничкото добро е многу поголемо од индивидуалниот интерес. Се покажа на дело која е вредноста на сојузништвото, пријателството и добрососедството. Во најтешките моменти по трагедијата видовме како регионот и целиот континент се мобилизира во несебична поддршка, видовме на дело што знали НАТО во неговата изворна форма изразена преку несебичната поддршка преку земјите членки- рече Лафчиски заблагодарувајќи се.

На одбележувањето на петгодишнината од членството во НАТО во Касарната Илинден денеска се обратија претседателката Гордана Сиљановска Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, како и командантот на здружената команда на сојузничките сили во Неапол, адмирал Стјуарт Манч.