Ова може само повеќе да нѐ сплоти како репрезентација, да нѐ издигне. Благодарам на публиката што нѐ бодреше во сите 90 минути, а ние како и секогаш и на секој натпревар и понатаму ќе го оставаме срцето на терен, изјави македонскиот репрезентативец Миовски, пренесе ФФМ
ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026
Македонската фудбалска репрезентација ремизира 1-1 во натпревар со возбудлива завршница со селекцијата на Велс во Скопје, во второто коло од квалификациите за пласман на Светското првенство в година во САД, Мексико и во Канада. Македонија поведе во првата минута од судиското дополнување на времето со голот на Бојан Миоски, а Велс израмни во 96-та минута со погодокот на Дејвид Брукс.
– Имаше премногу емоции на овој натпревар, по тоа што се случи во Кочани, стадионот беше полн. Знаевме против каква репрезентација играме, 90 отсто од играчите настапуваат во Премиер-лигата. Добро се браневме до последната минута и знаевме дека со борба ќе дојдеме до една шанса, ја добивме во најпосакуваниот момент, во 90. минута, но жално е да примиш гол во последните 10 секунди. Но ова може само повеќе да нѐ сплоти како репрезентација, да нѐ издигне. Благодарам на публиката што нѐ бодреше во сите 90 минути, а ние како и секогаш и на секој натпревар и понатаму ќе го оставаме срцето на терен – изјави македонскиот репрезентативец Миовски, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Следните натпревари на репрезентацијата на Македонија во квалификациите за СП 2026 на програмата се во јуни, со селекциите на Белгија во Скопје и на Казахстан на гости.
– Знаевме дека ќе биде тежок натпревар, бидејќи игравме против една квалитетна селекција. Игравме тактички дисциплинирано, одлично, се боревме до последниот момент. Искрено, многу ми е жал во последните 30 секунди да се прими таков гол. Испуштивме големи три бода, но има уште да се игра. Нѐ чекаат два важни натпревари, со Белгија и со Казахстан. Со студени глави и се надевам само на подобри резултати – изјави македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, пренесе ФФМ.
Црвено-жолтите со ремито останаа на првото место во групата Ј, со четири бода, колку што има и Велс, но со послаба гол-разлика (според правилата, во случај две репрезентации да се израмнети со бодовите, прво што решава е вкупната гол-разлика).
Македонија и по девет официјални натпревари (квалификациски за европски првенства или за светски шампионати или во Лигата на нациите) нема пораз (оствари шест победи, три ремија, со вкупна гол-разлика 15-3), една средба до израмнување на рекордот. Во оваа низа мечеви голманот Столе Димитриевски оствари рекорд од 711 минути без примен гол, а Македонија рекордни серии, шест победи по ред и исто толку натпревари без примен погодок. Н.М.
ГРУПА Ј
Македонија – Велс 1-1
Лихтенштајн – Казахстан 0-2
ТАБЕЛА
Македонија 2 1 1 0 4-1 4
Велс 2 1 1 0 4-2 4
Казахстан 2 1 0 1 3-3 3
Белгија 0 0 0 0 0-0 0
Лихтенштајн 2 0 0 2 0-5 0
Идно коло (6 јуни): Македонија – Белгија, Велс – Лихтенштајн.