Редовно годишно собрание на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ)
Редовното годишно собрание на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) почна со минута молк во слава на жртвите во трагедијата во Кочани. Претседателот на МАНУ Живко Попов изрази сочувство во свое и во име на членовите на Академијата до семејствата на починатите.
– Во овие моменти на длабока тага, сепак, има и нешто светло, а тоа е навремената и компетентна реакција на здравствениот систем и државните институции, пред се МВР и Јавното обвинителство, кои покажаа дека во тешки, кризни моменти сепак имаат капацитет да реагираат соодветно. Тоа дава надеж дека оваа држава доколку продолжи да се менува на ваков начин, нејзините граѓани ги очекува многу посветла иднина – рече Попов.
Во опсежното експозе по првата година од неговиот мандат, претседателот на МАНУ укажа на сеприсутност на партизацијата во институциите и „децениското невладеење на правото и коруптивноста на системот“ кои, како што рече, „доведоа до девастирана држава со нефункционални институции.
– Како резултат на тоа во последните години ни се случија неколку масовни несреќи, меѓу кои и последната голема трагедија во Кочани. Потребна е целосна поддршка на енергичните напори и заложби на институциите на државата за расчистување на истите. Верувам дека е возможно рестартирање на државниот систем и доколку успееме на институциите да им го вратиме барем нивото кое го имаа при осамостојувањето на земјата, навистина ќе постигнеме огромен успех. Со вака конципирани институции, Република Македонија многу тешко ќе се справи со предизвиците што ја чекаат при отворање на поглавјата за членство во ЕУ – рече Попов.
Претседателот на МАНУ притоа посочи дека партизираноста е „посебно видлива во јавната администрација, во агенциите, во регулаторните тела, кои треба да бидат независни“, што, рече, „перманентно го ослабува квалитетот и капацитетот на дејствување на институциите и самата држава ја прави нефункционална“.
-Партизацијата на општеството доведе до нефункционален правосуден систем. Вистина е дека се направени повеќе квалитетни реформи во правосудството со добри решенија, но тие имаат слаба имплементација. Тоа што најмногу ја бранува јавноста е Републичкиот судски совет и Академијата за судии и обвинители – рече Попов.
Мора да се реагира мудро и навремено – порача понатаму во експозето претседателот на МАНУ, осврнувајќи се на надворешната политика на земјава и нејзиното позиционирање во новата политичка констелација во светот. Тој посочи дека перспективата на евроинтеграциските процеси на државава е „комплетно блокирана со ирационалниот спор со нашите соседи“ и дека е „многу позитивно и не треба да се пренебрегне“ тоа што има „битно подобрување на нашите односи со американската администрација предводена од претседателот Трамп“.
-Тоа на поголемиот дел од македонскиот народ му влева надеж дека може да добие одредена поддршка во решавањето на билатералниот спор со Бугарија и во подобрувањето на релациите со Брисел. Република Македонија не може да биде поштедена од последиците на војната во Украина и таа мора да си го најде своето безбедно место во светот и за тоа сведочат дипломатските усилби на Владата, земјата да биде поддржана од повеќе стратешки партнери, што само може да и донесе корист на државата. Во ваква ситуација мора да се реагира мудро и навремено. Европскиот пат, сепак, е наша единствена права и реална опција бидејќи ние сме пред се Европејци, а исто така и Европската Унија е свесна дека европскиот континент никогаш нема да биде комплетен без Западниот Балкан и затоа проширувањето на ЕУ повторно станува приоритет кој не смееме да го пропуштиме. ЕУ нам ни е потребна како високоразвиена економска и политичка заедница која може да ни помогне да ги достигнеме нејзините стандарди и вредности – рече претседателот на МАНУ.
Во однос на спорот со нашите соседи со кои, рече, „со векови живееме едни до други, со или без граница“,смета дека е одличен предлогот за одложено дејство на уставни измени што, како што рече, „претставува солидна основа за компромис“.
– Контактите на научниците од двете страни, повторното воспоставување на научни проекти, соработката во културата, инфраструктурното поврзување и честите контакти и разговори на сите нивоа, се разбира со запазување на нашето национално достоинство, би можеле да бидат мост на кој ќе се сретнат политичарите од двете страни заради изнаоѓање на компромис – додаде претседателот на МАНУ.
Претседателот на МАНУ во своето годишно обраќање се осврна и на правичната застапеност и Законот за употреба на јазиците за што рече дека е „време да се направи нивно јасно и прецизно дефинирање пропратено со правни механизми со кои ќе биде оневозможена нивна злоупотреба“.
Попов најави дека во текот на оваа година МАНУ ќе избира нови членови.