Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ

Фудбалската репрезентација на Македонија ги почнува подготовките за почеток на квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) в година во САД, Мексико и во Канада. Првата средба на црвено-жолтите во групата Ј е в сабота на гости со Лихтенштајн (од 15 часот), а потоа е и натпреварот со Велс во Скопје, на 25 март (20.45 часот). Во оваа група се и репрезентациите на Казахстан и на Белгија. За македонската репрезентација ова се осми квалификации за СП, а досега најблиску до пласман беше во циклусот за СП 2022, кога играше во финалето на плејофот, по освојувањето на второто место во својата квалификациска група и победата во полуфиналето на доигрувањето.
Средбата со Лихтенштајн ќе биде 12-та за Македонија со таа селекција (седма во квалификации за СП), а досега Македонија има 11 победи и едно реми, со вкупна гол-разлика 42-5. Мечот број 11 помеѓу двете репрезентации се одигра во октомври 2021 година, во Вадуц, а Македонија победи со 4-0, во дуел од квалификациите за пласман на СП 2022. Директен пласман на СП 2026 ќе обезбедат првопласираните селекции во 12-те квалификациски групи.

Во плејфоот, за уште четири места на СП од Европа ќе настапат второпласираните 12 репрезентации и четирите најдобри меѓу победниците на групите од Лигата на нациите што не ги освоиле првите две места во квалификациските групи. Македонија е меѓу победниците на 12-те групи во Лигата на нациите.
Во овој период квалификациите почнуваат во шест групи, а во групите А, Б, Ц, Д, Е и Ф мечеви ќе се играат од септември, поради учество на некои селекции во доигрувањето за трофејот во Лигата на нациите и во плејофот за пласман во лигите А и Б на тоа натпреварување. На ред се четвртфиналните дуели во Лигата на нациите, и тоа Холандија – Шпанија, Хрватска – Франција, Данска – Португалија и Италија – Германија (првите средби се в четврток, а реваншите се на 23 март). Од исходите на овие средби зависи која репрезентација во која група ќе игра во квалификациите за СП 2026.
Во истите термини на програмата се и осум натпревари за пласман во лигите А и Б за идната сезона во Лигата на нациите, и тоа Турција – Унгарија, Украина – Белгија, Австрија – Србија, Грција – Шкотска (за настап во лигата А), Косово – Исланд, Бугарија – Република Ирска, Ерменија – Грузија и Словачка – Словенија (за лигата Б). Дуелите за влез во лигата Ц ќе се играат идната година, а двојките се Гибралтар – Летонија и Малта – Луксембург. Н.М.