„Тага, тага, голема тага… Андреј, Сара, Ѓорги, Мартин, Филип, Александар Коларов, Александар Ефремов, Жучко… Почивајте во мир. Сочувство до фамилиите и најблиските“, напишаа организаторите на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, збогувајќи се со музичарите што ги загубија своите животи во трагичниот пожар во Кочани.
– Со длабока жалост и неверица ве известуваме дека нашата Сара, придружен вокал на сите изданија на „Златна бубамара“, го загуби животот во невидената трагедија во Кочани. Нашата Сара, насмеана добрица, распеана убавица, голем другар и професионалец. Почивај во мир – стои во објавата.
Водителот на „Златната бубамара“, актерот Сашко Коцев, ја пренесе пораката на збогување и со пејачот на „ДНК“, Андреј.
– Со голема тага и неверување ја примивме веста за големата трагедија во Кочани, во која животот го загуби и нашиот голем уметник, хуманитарец и другар Андреј. Ќе те памтиме по твојата добрина, професионалност, незаборавните песни и настапи на „Златна бубамара“. Почивај во мир драг Андреј – напишаа организаторите на „Златна бубамара на популарноста“.
Во 2023 година групата „ДНК“ беше прогласена за дуо на годината, а и претходната година за група на годината. Тоа беше уште едно признание за нивната работа, не само изминатата година туку и многуте години наназад… И редовно правеа потези вредни за аплауз. Тие ја ставија на лицитација статуетката, а средствата ги донираа за фондацијата „Марко Божиновски“. Како што изјавија тогаш, „наградите секогаш биле добредојдени за еден уметник како мало признание за трудот“, но тие не забораваа да помагаат на сите оние места и семејства каде што е потребно и каде што државата немала слух.
Инаку, ова не е прв хуман гест на познатото дуо, напротив, тие досега им помагаа на многу луѓе што имаат егзистенционални проблеми, без разлика дали тоа било помош во парични средства, храна, средства за хигиена…
Панчо и Андреј и лани ја донираа статуетката
Ние не сме херои, ние сме деца на народот и секогаш ќе останеме такви
И минатата година Панчо и Андреј од „ДНК“ ја покажаа својата хуманост и на оваа манифестација. Имено, тие организираа онлајн лицитацијата на статуетката што ја добија на „Златна бубамара на популарноста“ за песна на година со Врчак за 2023 година и собраа 690.000 денари што му беа донирани на Леонид Игнов. Беа наградени за песната „Посреќна“. Момчето беше во критична состојба поради тешка несреќа и беше транспортирано на лекување во Виена, Австрија. Оттаму испрати поздрав до сите што донираа за него и сподели дека здравјето му се подобрува. Оваа вест ја пренесоа членовите на „ДНК“ на нивниот фејсбук-профил: „Лео конечно си ја доби бубамарата, многу ве поздрави и ни кажа дека благодарение на сите вас добри и хумани луѓе, здравјето му иде на подобро, и дека нема намера да се откаже“.
Претходно ја најавија својата хумана акција.
– Драги наши, и официјално заврши лицитацијата за помош на Лео, преку која наградата „Златна бубамара на популарноста“ заврши во рацете на Митревски Кирче од Охрид, кој ја даде најголемата понуда во износ од 250.000 денари. Премногу сме благодарни, не само на него, туку и на сите вас кои учествувате во лицитацијата или ја споделувате со цел да стигне до што повеќе луѓе – напиша тогаш Панчо.
Панчо и Андреј ја споделија својата голема благодарност до сите оние што дадоа поддршка и учествуваа во оваа хуманитарна мисија за да му помогнат на Лео.
– Луѓе добри. Ви благодариме на сите пораки, но ве замолуваме да не ни го припишувате ова мене и на Андреј. Ние не сме херои ниту се чувствуваме така. Ние сме деца на народот и секогаш ќе останеме такви. Сите сме исти само се занимаваме со различни професии. Ова е само еден доказ дека сплотени можеме сѐ! И да знаете вие сте наши херои и ви се поклонуваме до земја. Лео знае дека не е сам! – напишаа Панчо и Андреј.
Хуманоста им беше ДНК, живееја со неа
Групата „ДНК“ беше позната по своите добри и хумани дела, кои беа нивната мисла водилка и мисија – да му се помогне на другиот, на тој што има потреба…
Андреј и Владимир направија голем број добри дела што ја истакнуваат нивната хуманост поради што не беа миленици само на младите туку многу повеќе од тоа.
По веста дека Андреј се вратил во дискотеката за да спасува деца, при што трагично го загуби животот, професорката Татјана Алексиќ напиша: „Има едни луѓе многу ретки. Луѓе што се раѓаат хумани и живеат како херои, без да знаат… Ниту се фалат, ниту се перчат со хумани дела затоа што хуманоста им е ДНК, живеат со неа. Тие луѓе влегуваат во оган без да мислат на себе. Хуманоста е фатална по нив. Да се спасиш и да се вратиш во пеколот за да спасуваш други треба да си божје чедо, човек Бог. Ако утре ве нема, делата ќе живеат. Слава им!“
Во 2022 година тие одбележаа 20 години музика и хуманост. „ДНК“ го одбележа импресивниот јубилеј и со нов студиски албум симболично насловен „Дваесет“ на кој се врежани 12 композиции, кои се хронолошки распоредени, а тимот зад сите тие е истиот – Владимир Блажев–Панчо, Андреја Ѓеорѓиески и продуцентот Лазар Цветкоски. Најпопуларното музичко дуо – Андреј и Панчо, по повод дваесетгодишниот јубилеј одржа голем концерт таа година во декември во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје. Тимот на „ДНК“ го истакна и хуманитарниот аспект на концертот. Имено, дел од средствата собрани со продажба на влезниците за концертот беа донирани во фондацијата „Марко Божиновски“, која се залага најпрво за поддршка на млади спортисти, но и општо на млади луѓе од социјално загрозени категории.
Во контекст на хуманиот карактер на концертот, примероци од албумот „Дваесет“ беа достапни за продажба исклучиво во салата „Борис Трајковски“ за време на концертот и половина од средствата собрани од продажба на компакт-дисковите беа исто така вклучени во донацијата за фондацијата. Меѓу другото, посетителите што си купија цеде, како награда за остварената донација имаа можност да се сретнат со „ДНК“ зад сцената по завршувањето на концертот. Интересен податок во врска со концертот беше тоа што влезот за дечиња до деветгодишна возраст беше бесплатен.
Добитници на наградата „13 Ноември“ за многубројните хуманитарни концерти
Владимир Блажев–Панчо и Андреја Ѓорѓиески-Андреј беа и добитници на наградата „13 Ноември“ од Град Скопје за над 20-годишниот придонес преку одржување голем број хуманитарни концерти во 2023 година. Тие рекоа дека оваа награда им е најзначајна.
– Ова е дефинитивно нашата најзначајна награда со оглед на тоа што градот Скопје ни ја додели во областа на хуманитарната активност и придонес кон македонската поп-музика во градот и пошироко, за што се заслужни нашите синглови, албуми, солистички и хуманитарни концерти и, се разбира, вашата поддршка, како во последниот период така и последните 21 година – порачаа тие.
Тогаш изјавија дека скопјани се хумани граѓани.
– Да, скопјани се посебно хумани, но и преостанатите граѓани од Македонија. За жал, живееме во такво општество каде што сами ги решаваме работите и иако сме најсиромашен народ на Балканот, имаме разбирање кога е најпотребно и делиме од тоа малку што го имаме. Поддршка имаме буквално од сите добри луѓе што се во можност да помогнат. Во иднина не планираме да застанеме, како на хуманитарен така и на музички план и да ја промовираме македонската поп-музика, но и хуманоста токму за луѓето и нашите поддржувачи, кои ни даваат дополнителен мотив низ сите овие 21 година наше постоење – порачаа добитниците на наградата.