Кумчо волчо и лисицата кума
Кмчо волчо и лисицата кума
Кумчо Волчко
и Лисицата кума
гладни и жедни
по шумската патека главна
душа збираат
едвај се движат.
Од глад,
кумчо Волчко вели:
„Пред очите ми се мати
чувствувам како секој заб
во устата од глад ми се клати!“
„Гладот
и мене ме тишти“-
Лисицата кума му вели-
„По патот како клатно
од часовник се клатам.
Насекаде околу мене
птици гледам, а ниту една
не можам да фатам!“
„Мислиш ли
дека ќе умреме гладни?“ –
кумчо Волчко,
со последни сили прашува.
„Сношти на сон
искркав цела чинија
овесна каша
и пак се разбудив гладна.“-
се пожали Лисицата страдна.
„А јас од глад
не можев да заспијам.
Волкот, лекар,
совет ми даде-овци да бројам.
Бројам до сто и назад.
и пак сум ненаспан и гладен.“
„Кумчо волчко,
време е“ – лисицата му вели-
„да побараме
од Царот шумски
да преземе мерка,
гладна да не е
ниту една шумска ѕверка!
*
И во мигот – шумски тажен,
се исправи пред жителите гладни
царот Еженко Први – ежот од камен.
Царски им се обрати:
„Иставете се
од патот на царот
вие неугледни и нечисти мрши!“
*
Наместо да се истават
од патеката шумска главна,
кумчо Волчо стрв го фати
и лисицата кума исто
Се спуштија
страдни и гладни
ежот да го душкаат
да го лапнат!
Прв, кумчо Волчко
му се нафрли,
а по него и Лисицата кума.
Но, штом во камените боцки
забите ги зарија
заборавија на гладот
и офкајќи, бегајќи,
прав зад себе оставија.
Змијата Папалина
„Ова не е обичен прав,
туку е прав од страв.
Пред малку Мечокот Крепа
преку мене помина.
Сега и овие.
Не можев да ги избројам,
двајца ли беа, или деветмина.
Во шумичката сѐ уште
природата е дива“-
Се пожали змијата Папалина.
*
Штом ветрот правот
од друмот го крена,
Папалина, очи в очи,
со Еженко Први се најде
и од страв зајде.
Со целата должина
на патот се истегна
и замоли:
„Жива остави ме,
слугинка верна ќе ти бидам!“
Еженко Први,
пријателски ја боцна,
и како што му доликува на цар
и рече: „Чуден си крој, но
ќе бидеме пар!“
*
И напред гордо
по патот шумски главен
со Папалина тргна
Еженко Први славен.
Вепарот видел невидел
Сите птици и верверици,
сите зајаци и црни пајаци,
сите диви мачки и зелени скачки
штом разбраа за царот нов
Ежот од камен – Еженко Први,
покрај шумскиот пат главен,
еден покрај друг се наредија
да го поздрават ликот славен.
*
Само Вепарот Видел Невидел,
веста не ја слушна.
Во потрага пo храна,
Еженко Први му се виде
Примамлива крушка.
Со сета сила,
со распната уста
и секачи два, тргна силно
да ја бувне, да ја голтне
пред ветрот да ја дувне.
*
Штом вепарот Видел Невидел,
камените боцки ги лапна –
остра болка сети.
Да не го видат како кука,
да не излезе
пред свет шумски брука,
без секачите два,
со муцка насадена
со боцки од камен,
си ја спрашти по патот
ту нерамен, ту рамен.
*
Некои велат трчал и грофтал:
„Да живее Еженко Први
царот од камен!
Зашто во шумичката
му нема рамен!“
*
Преживеаниот Еженко Први
пред насобраните
жители шумски, објавува:
„Секој што ќе се обиде
царот шумски – Еженко Први
да го бувне, од патеката главна
да го дувне, казнет ќе биде!“
*
За главата
на Вепарот Видел Невидел,
награда дава!
„Кој пред боцките од камен
ќе ми ја донесе главата
на вепарот Видел Невидел,
на царот во славата,
ќе му биде рамен!“
*
Огласот на царот
Еженко Први,
хорот шумски,
со песна го поздрави:
(продолжува)
За авторот
Трајче Кацаров (65) е македонски поет, раскажувач, есеист и драмски автор. Во последните десетина години објавува и книги за деца и млади, кои се одлично прифатени од младите читатели. Завршил Академија за филм и театар во Софија, Бугарија. Магистрирал на Институтот за македонска литература на Универзитетот „Cв. Кирил и Методиj“ во Скопје. Работи како драматург во Народниот театар во Штип. Во 1993 година го основа списанието за уметност СУМ. Член е на ДПМ од 1991 година. Делата му се преведени на неколку јазици, a неговите театарски пиеси се одиграни низ повеќе театри во регионот и пошироко.
Добитник е на повеќе признанија од областа на литературата, меѓу кои лани ја доби наградата „Ванчо Николески“ од ДПМ за романот за деца „Не паркирај гаража“. За поемата „АКO“ е добитник на наградата „Григор Прличев“, а во 2004 година Кацаров е прогласен за личност на годината во општината Штип. Истата таа година го доби признанието „Деец во културата“, а во 2009 година Општина Штип му ја додели наградата „8 Ноември“.