Голем непребол за Кочани, Струмица, Куманово и цела Македонија
Не можам да поверувам. Уште сум во шок. Кочани, градот во кој се родив, растев и созреав, и кој вчера го посетив, доживеа голема трагедија: Во пожар, предизвикан, најверојатно од пиротехнички средства, во дискотека, за време на концерт на групата ДНК, каде што присуствувале околу 1.500 млади љубители на музиката, загинаа околу 60 млади луѓе, од кои одреден број се и малолетници. Тоа е трагедија, тоа не е за верување. Се прашувам зарем е можно тоа, денес во третата декада од 21 век? Потресен сум, и со болка во срцето и тага во душата. Од рано наутро постојано повторувам: Зошто се случи тоа? Мораше ли да се случи тоа? Како луѓе и народ го заслужуваме ли тоа? Денес, и сега во моментот, немам одговори, ама мислам во блиска иднина мораме да ги најдеме. И, ветувам, ќе ги најдеме.
Ама најпрвин мислам дека барем еднаш треба да покажеме разум, да го вклучиме рациото и да бидеме нормални личности, а најпрвин да бидеме хумани. Тоа го бара од нас човечноста, и да се фокусираме најпрвин на починатите, на повредените и на нивните роднини и најблиски. Сега на нив сме им најпотребни. Потоа, треба да покажеме солидарност, да видиме кој сѐ од нас може на кој било начин да помогне и да даде поддршка. Каква било, верувајте ми повеќе од потребна е. На сите погодени од трагедијата и сите што претрпеа ненадоместлива загуба (ги изгубија, најмладите, најсаканите, најмилите).
Потоа, треба да покажеме дека знаеме што е морал и дека имаме барем малку работна етика во нас и да се однесуваме во согласност со нив. Тоа значи да ги извршуваме нашите должности (полиција, обвинители, судии, доктори, експерти, политичари и граѓани) совесно и со високо ниво на совест.
И доаѓам можеби до најбитното, да покажеме дека сме одговорни – одговорни поединци, одговорна локална заедница, одговорна држава, одговорно општество. За овој настан, за кој очигледно ќе има кривичноправна, стручна, административна и морална одговорност, треба да се спроведе сестрана, сеопфатна и целосна истрага, од формална страна, и професионална, непристрасна и објективна истрага, во содржинска смисла, во смисла на земање предвид на сите уставни, законски и подзаконски акти и нивното очигледно прекршување на најбрутален начин.
Значи, ни претстои или, еве, барам и инсистирам на целосна полициска, обвинителска, судска, медицинска и друга експертиза. Тоа значи дека мораме да ги откриеме главните (директните) причини за катастрофата, а секако и индиректните причини, во смисла на целиот контекст на настанот (организатори, промотори, објект, сопственици, имање или не потребна документација за работење на тој објект, однесување на државни институции, запазени или не безбедносни и сигурносни стандарди).
На крајот уште еднаш изразувам сочувство до семејствата на трагично загинатите. Го изразувам моето големо и длабоко жалење за изгубените животи на деца, млади, музичари, полицајци, фудбалери и верувам дека само со хуманост и солидарност ќе се справиме со оваа трагедија што ги снајде Кочани, Куманово, Струмица и цела Македонија.
Сотир Костов