Во четврт-финалињата на трите европски купа сезонава има тимови од Англија, Шпанија и од Италија. Во првиот период кога се играа три континентални клупски натпреварувања, од 1971 до 1999 година, клубови од Италија во 1990 година ги освоија сите три трофеја
Англија, Шпанија и Италија имаат претставници во четврт-финалињата во сите три европски фудбалски купа сезонава и можат да израмнат достигнување што го остварија клубови од Италија пред 35 години.
Премиер-лигата е најзастапена во четврт-финалињата сезонава во Лигата на шампионите (ЛШ), Лига Европа (ЛЕ) и во Конференциската лига (КЛ), со вкупно пет тима. Така, Арсенал и Астон вила се меѓу осумте најдобри во ЛШ, Манчестер јунајтед и Тотенхем се во четврт-финалето на ЛЕ, а Челси во КЛ. Од Шпанија има четири екипи, Реал Мадрид и Барселона се во игра во ЛШ, Атлетик Билбао во ЛЕ, а Бетис во КЛ. Италија има по еден клуб во секое од трите натпреварувања, Интер во ЛШ, Лацио во ЛЕ и Фиорентина во КЛ. Според ждрепката, тимови од иста земја во финале може да има во ЛШ (Реал Мадрид и Барселона) и во ЛЕ (Манчестер јунајтед и Тотенхем).
Откако е воведена Конференциската лига во сезоната 2021/2022 по пауза од 22 години се играат три европски клупски натпреварувања. Така беше и во периодот од 1971 до 1999 година, кога клубовите учествуваа во Купот на шампионите (сега Лига на шампионите), Купот на УЕФА (сега Лига Европа) и во Купот на победниците на куповите (натпреварување што во 1999 година се спои со Купот на УЕФА).
Во првиот период кога имаше три континентални купа клубовите во Италија во 1990 година ги освоија сите три трофеја, Милан стана европски првак, Сампдорија победи во Купот на победниците на куповите, а Јувентус во Купот на УЕФА.
Кога се играа две натпреварувања во Европа, од 1960 до 1971 година и од 1999 до 2021 година, двојна круна беше освоена шест пати, и тоа пет пати од тимови од Шпанија и еднаш од Англија. Шпанските клубови таков успех остварија во 2006 година (Барселона во ЛШ, Севилја во ЛЕ), 2014 (Реал Мадрид и Севилја), 2015 (Барселона и Севилја), 2016 (Реал Мадрид и Севилја) и во 2018 година (Реал Мадрид и Атлетико Мадрид), а од Англија во 2019 година (Ливерпул и Челси), кога беше и единствената година кога финалистите беа од една земја (Ливерпул се сретна со Тотенхем, а Челси со Арсенал). Н.М.
ЕВРОПСКИ КУПОВИ, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
ПСЖ – Астон Вила
Арсенал – Реал Мадрид
Барселона – Борусија Д.
Баерн – Интер
ЛИГА ЕВРОПА
Бодо – Лацио
Тотенхем – Ајнтрахт
Глазгов р. – Атлетик Б.
Лион – Манчестер ј.
КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА
Бетис – Јагиелонија
Целје – Фиорентина
Легија – Челси
Дјургарден – Рапид В.