Фото: ЕПА

Досега пласман на СП 2026 обезбедија само домаќините, САД, Мексико и Канада. Идната недела продолжуваат квалификациите на повеќе континенти, од Океанија сигурно ќе има пласирана репрезентација, а можеби и од Азија и од Јужна Америка. Европа допрва го почнува квалификацискиот циклус. За Македонија првиот меч во групата Ј е на 22 март со Лихтенштајн на гости, а три дена подоцна со Велс во Скопје. Во таа група се и Белгија и Казахстан. Победниците на 12-те квалификациски групи ќе се пласираат на СП, а во плејофот за уште четири места ќе играат 12-те второпласирани и четири најдобри победници на групите од Лигата на нациите

ФУДБАЛ

На фудбалското Светско првенство (СП) в година во САД, Мексико и во Канада, досега место имаат само домаќините на шампионатот, но по меѓународните мечеви низ целиот свет идната недела може да се добијат првите репрезентации што ќе се пласираат на Мундијалот низ квалификациските натпревари. Така, пласирани репрезентации може да има од Азија и од Јужна Америка, а сигурно ќе има од Океанија, каде што квалификациите завршуваат со плејофот.

ЕВРОПА: Квалификацискиот циклус во Европа допрва почнува. Македонија е во групата Ј, првиот натпревар е на 22 март со Лихтенштајн на гости, а три дена подоцна со Велс во Скопје. Во таа група се и репрезентациите на Белгија и на Казахстан. Победниците на 12-те квалификациски групи ќе се пласираат на планетарниот шампионат в година. Во плејофот, за уште четири места, ќе настапат 12-те второпласирани селекции во квалификациските групи и уште четири најдобри победници на групите од Лигата на нациите, кои не освоиле едно од првите две места во своите групи во квалификациите. Една од репрезентациите победнички на групите во Лигата на нациите е и македонската селекција.

АЗИЈА: Во квалификациите во Азија во тек е третата фаза, во која играат 18 репрезентации, поделени во три групи, од кои првопласираните две ќе играат на СП 2026, а селекциите на третите и на четвртите места ќе играат во четвртата фаза, во две групи со по три репрезентации, од кои победниците ќе играат на Мундијалот, а второпласираните во плејофот за да се добие учесникот од Азија во интерконтиненталниот плејоф. По шест кола во третата фаза на првите две места во своите групи се репрезентациите на Иран, Узбекистан (група А), Јужна Кореја, Ирак (група Б), Јапонија и на Австралија (група Ц). Ако Јапонија обезбеди домашна победа на дуелот со Бахреин, на 20 март годинава ќе се пласира на Светското првенство во 2026 година и ќе стане првата репрезентација што ќе се приклучи на триото северноамерикански земји, а во март тоа може да го остварат и Иран, Јужна Кореја, Узбекистан и Ирак, во зависност од резултатите, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).

ОКЕАНИЈА: Океанија, која е најнапред со квалификациите за Светското првенство в година, првпат ќе има сигурен учесник на фудбалски мундијал. Во март на ред е полуфиналето од квалификациите. Двојките за идниот петок се Нова Каледонија – Тахити и Нов Зеланд – Фиџи. Победниците ќе играат во финалето на 24 март, а победникот на тој натпревар ќе се пласира на СП 2026, пишува Светската фудбалска федерација. Финалистот, пак, ќе игра во интерконтиненталниот плејоф.

ЈУЖНА АМЕРИКА: Од Јужна Америка, во која досега се одиграа 12 од предвидените 18 квалификациски кола, на СП 2026 ќе играат шест репрезентации, а една ќе настапи во интерконтиненталните плејоф-натпревари. Пред мечевите во март води светскиот шампион Аргентина со 25 бода. Со оглед на тоа дека седмопласираната Боливија не може да освои повеќе од вкупно 31 бод, со уште 18 бода во игра, на репрезентацијата на Аргентина ѝ се потребни седум бода за да обезбеди автоматски пласман на Мундијалот в година, пишува Светската фудбалска федерација, а во зависност од резултатите на другите селекции пласман може да обезбеди по вториот меч во март. По Аргентина на табелата се репрезентациите на Уругвај со 20 бода, Еквадор и Колумбија со по 19, Бразил со 18, Парагвај со 17, Боливија со 13, Венецуела со 12, Чиле со девет и на Перу со седум бода.

АФРИКА: Квалификациите во Африка продолжуваат идната недела, а досега се одиграа четири од предвидените 10 кола. Победниците на деветте групи ќе се пласираат на Светското првенство в година, а четирите најдобри второпласирани ќе играат во плејофот за да се добие репрезентацијата што ќе настапи во интерконтиненталниот бараж.

СЕВЕРНА АМЕРИКА: Во Северна Америка првите следни квалификациски натпревари на програмата се во јуни. Досега се одиграни две кола во шесте групи во кои играат по пет репрезентации, од кои првопласираните две ќе играат во следната фаза. Таму, 12-те репрезентации ќе бидат поделени во три групи, од кои првопласираните ќе обезбедат учество на Светското првенство в година, а најдобрите две од второпласираните репрезентации ќе играат во интерконтиненталниот плејоф.

ПЛЕЈОФ: Годинава ќе бидат одредени вкупно 42 од 48-те учесници на Светското првенство в година, а уште шест учесници ќе се дознаат по плејоф-натпреварите предвидени за идната година. Еден плејоф е интерконтиненталниот, кој ќе се игра во една од земјите домаќини на Светскиот шампионат, а во кој ќе настапат две репрезентации од Северна Америка и по една селекција од Азија, Африка, Океанија и од Јужна Америка, по што две најдобри од тој мини-турнир ќе се пласираат на Мундијалот. В година на програмата е и плејофот во Европа, во кој ќе настапат 16 фудбалски репрезентации, кои ќе играат за уште четири преостанати европски места на Светското првенство в година во САД, Мексико и во Канада. Н.М.