Неодамна добив едно ВИП-писмо со казнена содржина. Имено, сум заборавил да платам една казна за паркинг, нешто што не ми се случило никогаш, бидејќи отсекогаш сум имал некој вид страв од државата. Не знам дали психологијата се занимава со тој посебен вид на анксиозност и во која графа на својот Менделеев систем ја става неа. Тој вид на страв веројатно се вгнездил во мене уште во раното детство, кога татко ми во гола сиромаштија го затвораа за неплатен данок на имот на државата. Веројатно од тогаш државата, залегната нејасно во мојата детска свест, ја доживувам како некое репресивно метафизичко чудовиште пред кое човекот од низините на општеството, како што би рекол Блаже Конески, стои како задолжителна жртва што треба да го задоволи врховното божество што дава живот, како сонцето во древните цивилизации. Многу подоцна кога го читав Маркс сфатив дека тој со еден потег од социолошки, антрополошки и психолошки аспект ја дефинирал окамовски прецизно тајната на чудовиштето-држава. Надвор од идеалната држава на Платон, тој неа ја дефинирал како „апарат за угнетување“. Доволно за интелигентниот човек да разбере какво е тоа чудовиште и без да го чита „Капиталот“ на филозофот, способно со запчениците на своето механичко тркало да ги меле обичните луѓе од широките народни маси, кои со своите раце го произведуваат вишокот на вредност за богатите и дебелогазиот државен апарат, државната администрација што се грижи за тоа. Фигуративно, тоа потсетува на ловџиските загари на средновековните феудалци што ловат дивеч во шумите создадени од Господ за негова безбедност.
Така, драг читателу. Од мојот случај со паркинг-казната преминав на теоретизирање, од елементарна егзистенција до филозофија и метафизика. Тука, пак, се мешаат индукцијата и дедукцијата, одење од малото кон големото и, обратно, од големото кон малото, од малиот човек, што е тема на нашата денешна колумна, кон државата и, обратно, од неа кон него. Тема што де факто спонтано ја инспирира мојата паркинг-казна, која од аспект на општествениот род воспоставен во државата е исправна. Оти и Исус рече: дај му го на царот царевото, на Господ божјото.
Туку малку се оддалечивме од срцевината на проблемот. Тоа сепак не е мојата паркинг-казна против која се бунам, оти и експресно ја платив, туку судското решение набиено на две страници со густ текст од бирократски судски параграфи и една мала низа од негови бирократски извршители. Вистина, неколкупати го читав ова чудовиште од бирократски судско-казнен текст обидувајќи се, небаре е асировавилонски текст, да го разберам и да ги одгатнам неговите метафизички шифри. Но не успеав иако во животот може имам прочитано и неколку илјади, може и повеќе книги. Сè во него е така направено, ама несмасно и елементарно неписмено, само и само од петни жили да се оправда етиката на врховното божество во Државата. Под тоа метафизичко решение пред кое не ќе можат да се снајдат ни Конфуциј ни Лао Це беше потпишан извршителот Павле (поточно Павел), кој сепак, според функцијата што ја избрал и што ја извршува, е многу поблизок (ако се сеќаваш на библиската анегдота, драг читателу) до Савле отколку до Павле. Оти да се мине патот на преобразба од Савле до Павле, покрај личен напор, е потребно и откровение (директна божја интервенција), а тука по сè изгледа ги нема ни едното ни другото кај мојот извршител. Сепак ја сфатив основната поента на судското решение за паркинг-казната. Чувана е во мувлосаните архиви на бирократијата цела година за да се зголеми десет-дваесет пати од почетната казнена цена кога требало да се плати. Тоа е тајната на државно-бирократската казнена алхемија. Јасно ли ти е, драг читателу? Или не? И една најмала, безначајна казна во однос на криминалот на луѓето од власта, парадоксално, е предмет на цела низа од судски и бирократски службеници вклопени во запчениците на државниот апарат за да функционира пред сè на најважното негово поле: казната.
Сето тоа, драг читателу, воленс-ноленс, кај мене како еден вид визија ја оформи сликата на малиот страк трева начичкан со паразити што го цицаат, веројатно за свое окрупнување, неговиот хлорофил. Притоа по аналогија се запрашав зошто социолозите и антрополозите веќе не оформиле една посебна општествена наука што се вика паразитологија, во која целата државна структура на власта е амалгамизирана заедно и со нејзината огромна бирократска апаратура за одржување на системот, кој, веќе рековме, Маркс го дефинира како „апарат за угнетување“.
Јасно од почетокот досега сме на темата на малиот човек, драг читателу. Тој што е директно и индиректно предмет на државниот апарат и неговата дебелогаза бирократија што го штити него со длабоко метафизичкиот и непроѕирен механизам на правото. Да. И сè би било тука во ред да не постои шизофренија, еден голем и непремостлив хијатус меѓу поимите Право и Правда, кои во овој случај се разликуваат до степен на неспоиви антиномии. Оти и едното и другото, како што би рекол и Кант, треба да му служат на принципот што го дефинира човекот како морално битие. Принципот што не трпи шизофренија. Тука тој ја има предвид Правдата, а не подржавеното право, кое ја искористува и деградира неа. Оттука тој, подразбирајќи го со неа априори етичкиот морален императив на човекот како најважен (во „Критика на практичниот ум“), иако атеист, го воведува Бог како нејзин постулат врз кој стои цврсто таа. Со него е во дослух и Достоевски кога вели: „Ако нема Бог, сè е дозволено“, а Ниче со неговата шокантна (хипо)теза „Бог е мртов“, превреднувајќи сè пред него, работите ги гледа „отаде границата на моралот и законот“. А сè, и кај Кант и кај Достоевски, се сведува на истото, носталгија за моралната вредност, за божествената, а не за државната искривена правда и вистина вглобени во запченикот на манипулативниот систем. Имено, гледаме како тој систем на „правото“ во отсуство на Правдата функционира и кај нас, драг читателу, на еден драстичен и бескрупулозен начин. Најеклатантен пример за тоа е божем „законското“ правно (само)покачување на платата на високиот државен апарат за 78 проценти, додека пензионерите со нивните полусакати синдикати чекаа државна правна милост нивните сиромашни пензии да се зголемат за 5 проценти! И еве ја, драг читателу, сликата на егзистенцијалната ситуација на малиот човек. Еве го на дело Марксовиот „апарат за угнетување“.
Така. Интересно е што со малиот човек не се занимавале посебно филозофите, освен во некоја скромна мера егзистенцијалистите, кои ги интересирала апсурдната димензија на егзистенцијата, иако во една нова метафизика во која е користен повеќе како филозофски експеримент отколку како конкретен жив артефакт на егзистенцијата. Маркс тука е апсолутен исклучок. Тој го откри малиот и понижен и од државниот владетелски „апарат за угнетување“ човек. Тој апарат, таков, драг читателу, како што веќе предочивме и со конкретен пример, функционира беспрекорно и кај нас. Инаку, малиот човек од низините на општеството е најсогледан како феномен во литературата, од писателите. Со него, на пример, кај Французите се занимавал посебно Виктор Иго, а кај Англичаните Чарлс Дикенс. Но факт е дека со него, колку што знам, најмногу се занимавале и акрибично го истражувале руските писатели, почнувајќи од Пушкин, „почетокот на сите почетоци“ (Достоевски) во руската литература, па потаму една цела плејада од Достоевски, Гогољ и Чехов до Горки и другите помалку познати. Може тука како архетипни на тој план да ги земеме Евгениј и Париша на Пушкин од поемата „Бронзениот коњаник“ или Макар Девушкин и Варвара Добросјокова од „Бедни луѓе“ на Достоевски. Итн. Па, сепак, најекспресивниот архетип на тој план тука, со екстрауниверзална димензија, го остварил Гогољ во неговиот чуден едноставен и истовремено метафизички расказ „Шинелот“, со неговиот главен лик, ситниот чиновник Акакиј Акакиевич, кој важи и за нас како слика на малиот човек. Сегде. Тој повеќе години штеди на чај, не пие, за да си купи како аристократската господа убав шинел како еден вид влезна карта во високото општество. На крајот, лишувајќи се од чајот, тој и успева да го реализира својот животен проект, ама потоа, за жал, судбината, таа проклета deus ex machina си поигрува со него. Имено, при првата прошетка на Акакиј со новиот шинел по Невскиот петроградски проспект почнува да дува силен виорен ветер, а со него се движи и една разбојничка група, која му го соблекува шинелот и ја снемува од видното поле. Така. Па, и кај нас денес, драг читателу, има не еден и два, туку илјадници акакијакакиевци што не пиеле чај за да купат нов шинел, а на крајот откако го купиле некој како на рускиот Акакиј им го соблекол и украл. Во рамките на нашата тема некој метафизички разбојник им го слекол него затоа што не ѝ платиле докрај, како што вели мојот Филип, доволно данок на „метафизичката управа“ (Државата). Но не само шинелот, правниот систем на „метафизичката управа“ (Државата) може малиот човек-престапник да го соблече до гола кожа, угол гол, без да му понуди притоа, како што го сторил тоа Господ по гревот на Адам и Ева, макар и смоквин лист за да ги покрие драгоцените географски територии на своето голо тело.
Така. Пак ја нагазивме, драг читателу, црвената линија на просторот, а не кажавме многу за модерниот мал човек што е par excellence жртва на „правниот систем“, кој по долгото лутање низ сивите ходници на правосудството како Јозеф К. на Кафка без да знае за што е осуден, а сепак долго се суди, на крајот завршува во каменоломот покрај судската палата, каде што го убиваат двајца судски извршители. Така. А на крајот уште само да го кажеме она главното, за кое ќе пишуваме во некоја друга колумна. А тоа е фактот дека малиот човек изразен во една збирна именка народ ја носи, како Атлас небото, на плеќи целокупната историја на човештвото, и тоа така безимен и понижен од власта и нејзината бирократија, од прастари времиња до денес, кога, пред сè, лукавата цивилизација (западната) го измисли најубавиот поим за владеење со масите, поимот „демократија“. Поимот со кој почна колонијализмот на западната цивилизација. А тој поим, скриен под превезот на правото, но не и на правдата, уште главно ги брани властодржната елита и нејзината подопашна бирократија, штитејќи го плус и корпоративниот капитал заедно и со банките во кои е убаво складиран тој. А малиот човек? Каде е тука во таа „демократија“ тој? Тој е пуштен како убав давеник низ вода. Низ водата на „демократијата“ затворена во правниот властодржен систем. Низ неговите лавиринти тој скита барајќи ја правдата што ја нема за него, како слугата Јернеј од расказот „Слугата Јернеј и неговото право“ на Иван Цанкар, кој го учеше како лектира мојата генерација, драг читателу, во средното училиште. Не знам сега дали образовниот систем кај нас практикува таква или слична етичка литература. Не сум многу сигурен, оти гледам дека на младите јункер-средношколци им ги забиле главите во компјутерите и пак веројатно за да им служат поубаво на интересите на капиталот, кој во новиот систем на експлоатација на работничката и сеопшто потчинетата класа работи со технолошки софистицирано оружје. И пак е тука безличен малиот човек, Гогољевиот Акакиј Акакиевич, кому „правниот“ систем му го краде и со лишување стекнатиот нов шинел.
Така. Џон Лок од плејадата англиски емпиристи, пред големите откритија на генетиката, тврдеше дека човекот се раѓа како бел лист хартија, кој го испишува социјалната средина, општеството. Ама, за жал, општеството во кое врховен бог се власта и нејзината услужна висока и пониска бирократија чии имиња со големи букви испловуваат на тој лист, а името на малиот човек стуткано во збирната именка Народ го нема. Тој, непрепознатлив и од власта со одречен јасен идентитет, едноставно е растворен, непрепознатлив, во белината на хартијата што ја нуди како поле на идентитети Џон Лок.
Тоа и така, драг читателу. Останува, по сето изнесено, како теза и хипотеза да заклучиме дека малиот човек што ја осветлува со мартирска божествена светлина збирната именка Народ е најмногу погоден за две работи, од кои пак профитираат елитните слоеви на општеството: власта и нејзината елитна бирократија. А тоа е „демократското“ гласање, во кое се избира секогаш и истата (само со нијанси разлики) власт од почетокот на историјата до денес. За тоа нешто говори и Сократ. Второто е употребната вредност на малиот човек (народот со милиони акакијакакиевци сега голи и без шинел) за револуција што ќе го собори „стариот“ за да дојде на негово место „ново-стариот систем“ во кој малиот човек е исто така како и пред тоа турнат на маргините на егзистенцијата. Тој пак ги плаќа малите-големи казни за паркирање или за поминување на црвено итн. Додека елитата врз негов грб ужива, се криминализира и краде милиони и не одговара. Тоа е сликата и на нашата домашна македонска ситуација како, за жал, сјајна илустрација на темата за која разговараме, драг читателу. Малиот човек се користи со „правото“ на „правниот“ систем на државата, но не и на Правдата, која е исклучена од него. Таа е кај Господ. А додека ја заведе и обелодени неа тој на Страшниот суд ќе помине уште време. Дотогаш малиот човек, кого и Исус дојде за да го заштити на Земјата, ќе талка уште долго како Јозеф К. на Кафка низ метафизичките лавиринти на „правото“ што не познава Правда