Со интересирање ги следам настаните што се случуваат во односите меѓу Република Македонија (идна Северна Македонија) и Бугарија и Грција. Несомнено е дека македонската влада, предводена од Зоран Заев, посвети големо внимание, вложи голем напор, тие историски наследени односи да се подобрат, макар и на македонска штета. Политиката на Заев еднодушно ја поддржуваат Албанците во Македонија, свесни за придобивките што тие ги имаат преку соработката со СДСМ и преку промената на името на државата во Република Северна Македонија.
Но тоа е друга тема. Овде сакам да се осврнам на последните изјави на Красимир Каракачанов, бугарскиот министер за одбрана и претседател на бугарското ВМРО, кој и по потпишаниот договор за пријателство и добрососедство шири негативна енергија на Балканот, изјавувајќи дека не постојат македонски народ и македонски јазик, односно дека и Македонците се Бугари, а и јазикот е бугарски дијалект. За жал, од бугарска страна сѐ уште нема какво било навестување дали изјавите на Каракачанов се официјален државен став или, пак, тоа се негови лични небулози.
Македонската (идната северномакедонска) влада и македонското министерство за надворешни работи очигледно се трудат да не долеваат масло на огнот, бугарските изјави ги примаат и на нив одговараат со ‚‚дипломатски јазик“, смирено и одмерено. Но токму тоа предизвикува мала недоумица дали тоа значи само некревање прашина или, пак, некаква премолчена согласност, што оди или ќе оди на македонска штета.
Немам никаков сомнеж дека притисоците од Бугарија и од Грција нема да се намалат во иднина. Напротив, сметам дека провокациите, укажувањата, уцените кон Македонија ќе се зголемуваат на отворен или на перфиден начин.
Во сегашната реална глобална ситуација сигурно дека македонската страна не е во позиција да поставува црвени линии како Грција и Бугарија, но е должна да си ја штити својата историја и да покаже свое современо државотворно достоинство.
Јован Јордановски