Фото: „Нова Македонија“

Тој третпат во кариерата ќе ја предводи македонската селекција, со која на ЕП 2023 стигна до историското осминафинале. Миленкоски ги презеде сениорите на средината на квалификацискиот циклус за ЕП 2026, во кој Македонија игра за четврто учество во низа

ОДБОЈКА

Најтрофејниот македонски одбојкарски тренер Јошко Миленкоски се враќа на клупата на машката сениорска репрезентација на Македонија, информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Актуелниот тренер на грчки ПАОК третпат во кариерата ќе ја предводи машката селекција, со која на Европското првенство (ЕП) во 2023 година стигна до историското осминафинале. Миленкоски ги презеде сениорите на средината на квалификацискиот циклус за ЕП 2026, во кои Македонија игра за четврто учество во низа. Асистент на Миленковски ќе му биде Кристијан Ристески, тренерот на освојувачот на Купот на Македонија, Штип УГД, објави ОФМ.
УО на ОФМ потврди дека стручниот штаб на женската сениорска репрезентација на Македонија ќе го сочинува српскиот тренер Стефан Пауновиќ, кој ќе продолжи да ја води селекцијата, заедно со стратегот на македонскиот женски првак Работнички Скопје, Душко Деспотовски.
Челниците на Федерацијата ги дефинираа и стручните штабови во младинските репрезентации. Женската селекција до 19 години ќе ја предводат селекторот Александар Митев и Бранка Каленикова, машката репрезентација до 19 години ќе ја предводи Дејан Стојанов, а Васе Михаилов и Бесим Реџа ќе бидат негови помошници. Двете репрезентации ќе ја претставуваат Македонија на балканијадите летово.
На Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ 2025) во Македонија ќе се натпреваруваат машката и женската селекција до 18 години. Момчињата ќе ги предводат Атанас Милев, Васе Михаилов и Бесим Реџа, а девојките Никола Јаневиќ и Александар Темелковски. Горан Славков и Виктор Зафиров се тренерите што ќе ја предводат женската селекција до 16 години на Балканијадата. Одредено е тренер/селектор на репрезентацијата во одбојка на песок (мажи и жени) да бидат Горан Славков и Димитар Ѓатовски, пишува ОФМ. Г.И.