Во средата, по кратко боледување, на 79-годишна возраст почина филмскиот продуцент Панче Мижимаков–Панта, еден од најплодните и најмаркантни филмски професионалци во македонската кинематографија. Комеморацијата во чест на Мижимаков ќе се одржи денеска, во 13 часот, во киносалата на Кинотеката на Македонија.
Роден во Велес 1946 година, тој уште како студент на белградската Академија за театар, филм, радио и ТВ во Белград соработува со Академскиот киноклуб во Скопје и работи на аматерски филмови во различни улоги (актер, режисер, снимател, организатор). Потоа и професионално станува дел од продуцентската куќа „Вардар филм“ и, како организатор, директор на филм и продуцент, е вклучен во производството на педесетина документарни, кратки и долгометражни играни филмови. Работел на домашни, југословенски и меѓународни копродукции. Соработувал со македонските режисери С. Попов („Црвениот коњ“, „Тетовирање“, „Џипси меџик“, „Среќна Нова ‘49“), Б. Гапо („Истрел“, „Македонска сага“, „Најдолгиот пат“), Д. Османли („Ангели на отпад“, „Жед“), С. Црвенковски („Јужна патека“), Т. Попов („Македонска крвава свадба“, „Пресуда“, „Ликвидатор“), А. Митриќески („Деца на сонцето“, „Преку езерото“), Ј. Бојаџи („Ругање со Христос“), К. Ангеловски („Колнати сме, Ирина“), А. Ѓурчинов („Исправи се, Делфина“) и други, со филмските проекти на независната ФРЗ, а во 1991 година бил и основач „Пегаз“ – една од првите приватни продуцентски куќи во Македонија.
Во 2018 година е добитник на признанието „Златен објектив“ за исклучителен придонес во развојот на македонската кинематографија, кое го доделува Кинотеката на Македонија.