Фото: „Нова Македонија“

Во однос на надворешната политика, Европската Унија умее да ги критикува постапките на своите стратегиски партнери, како што се политиките на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на војната во Украина, но досегашната европска пракса потврдува дека Брисел нема ниту конкретна ниту усогласена ниту, пак, конзистентна надворешна политика. Поради перманентната криза со која се соочува Европската Унија, предизвикана од недостигот од визија и од манипулативното толкување на изворните принципи и критериуми на Унијата, изјавите на челниците на ЕУ, а особено на комесарката за проширување, навистина немаат основа, туку се повеќе „покерашки блеф“. Досегашната европска надворешна политика, како и политиката за проширување, според нашите соговорници, се карактеризира како во македонската поговорка – не се знае кој тапан чука, а кој оро води

Што се случува со Европската Унија?

Повеќемина странски и домашни експерти нагласуваат дека Европската Унија од 2009 година перманентно се соочува со кризи. ЕУ на внатрешен план има проблеми со економското управување, миграциската криза, бирократијата и ветократијата, нешто што е особено видливо при донесувањето на значајните политички одлуки, како што е проширувањето на ЕУ. Доказ дека Европската Унија се соочуваат со внатрешна криза е и фактот дека нејзините членки не ги почитуваат фундаменталните европски вредности, врз кои се и темели проектот на обединета Европа, како што се човековите и малцинските права. Дополнително, во изминативе години се појавија одредени евроскептични тенденции кај граѓаните на ЕУ, нешто што беше особено видливо со напуштањето на Обединетото Кралство и брегзит.

Ветократијата на ЕУ

Еден од клучните проблеми, кој е поврзан со внатрешните европски прашања, но и со европската надворешна политика, секако е сегашното одлучување во Европската Унија односно т.н. ветократија. Во изминатиот период има иницијативи за укинување на ветото, но и за тоа прашање треба консензус. Доколку внимателно се анализира, мали се шансите некои од европските членки да се откажат од правото на вето, бидејќи на тој начин ќе изгубат дел од своето влијание и моќ во ЕУ, нешто што е особено видливо со бугарските уцени за Република Македонија.
– Дополнително, Брисел е заглавен во дебати што ја промашуваат целта, како што е стремежот за регулаторни детали и симболични гестови во услови кога Европската Унија се задушува од неконтролирана бирократија и даночно оптоварување, кое го намалува економскиот потенцијал – велат нашите соговорници.
Добро упатени извори велат дека граѓаните и бизнисите на ЕУ се соочуваат со лавиринт на неефикасност што ги задушува продуктивноста и иновативноста, а истовремено Брисел продолжува да го удвојува регулаторното надминување, потенцијално засилено со огромното јавно финансирање. Низ ЕУ, непотребните процеси и прекумерната регулација го обесхрабруваат претприемаштвото и ги поттикнуваат инвестициите на друго место.
Истовремено, Европската Унија се соочуваа со мноштво надворешни предизвици, но досега Брисел потврди дека нема капацитети за заедничка европската надворешна политика. Во контекст на тоа, Џуди Демпси, ирска новинарка и истражувачка за меѓународни односи, неколкупати посочи дека европската надворешна политика се наоѓа во мизерната состојба, а Брисел нема стратегија и насока.
– Изгледа дека тие претпочитаат да ја критикуваат, ако не и да ѝ се потсмеваат, на американската администрација, наместо да ја мобилизираат европската јавна поддршка зад конструирањето на постратегиска надворешна политика на ЕУ – вели Џуди Демпси за европската надворешна политика.

Доста со блефовите на еврокомесарите и другите „европски пратеници“

Повеќемина аналитичари велат дека доколку се земат предвид внатрешните проблеми во ЕУ и перманентните кризи со кои се соочува, како и недостигот од конзистентна европска надворешна политика, тогаш неодамнешната изјава на еврокомесарката Марта Кос дека, поради Русија и Украина, Брисел останува на ставот дека „ќе го забрза проширувањето на земјите кандидати“, навистина нема основа.
– Сосема логично се поставува прашањето како Европската Унија ќе го забрза проширувањето кога не може да постигне единство ниту за прашања од витален интерес за опстојување на Унијата како целина и со постојните земји членки, имајќи ги предвид внатрешните превирања околу европската надворешна политика – велат нашите соговорници.

Во изминативе години ЕУ имаше неколку шанси да почне да дејствува стратегиски, но недостигот од стратегија и насока го оневозможи тоа. Досега неколкупати беше потврдено дека повеќето земји членки на ЕУ гледаат мал интерес во давањето овластување на високите претставници на ЕУ за надворешни работи или проширување, овластувања што се потребни за да се создаде силна надворешна политика. Сите досегашни носители на функцијата висок претставник на ЕУ за надворешни работи или проширување се соочуваат со овој проблем, вклучувајќи ја и Марта Кос, сегашната еврокомесарка за проширување.
За оваа проблематика, како и за најавата на Марта Кос дека Брисел ќе ги забрза напорите за проширување, аналитичарот Сотир Костов вели дека се труди да види знаци дека европските челници ќе го забрзаат процесот на проширување, но, за жал, не може да забележи такво нешто.
– Европската Унија и Брисел премногу се оптоварени со бирократски проблеми, а знаци за проширување нема. Сите заминаа во Лондон, држава што ја напушти Европската Унија. Брисел треба да ги повика сите европски држави, вклучувајќи ја и Руската Федерација. На тој начин Брисел ќе покаже лидерство, а не да чека од Лондон или Вашингтон да ги решава неговите проблеми – вели Сотир Костов.


Непривлечна ЕУ, ваква каква што стана

Повеќето наши соговорници, професори и интелектуалци, во разговорите истакнуваат дека токму сега „не ни е потребно членство во една ваква аморфна творба“ и дека „треба малку политичка трпеливост да се види како ќе се движат работите, а во меѓувреме да им посветиме должно внимание на внатрешните реформски процеси“

– Над ЕУ и НАТО се надвиснуваат сиви облаци, што е можеби најголемата пресвртница од формирањето на овие две организации. Не знаеме каква ќе биде нивната иднина – меѓу другото порача во вчерашното обраќање пред македонските парламентарци високиот државник од Хрватска како членка на ЕУ, Гордан Јандроковиќ, кој е носител на функцијата претседател на хрватскиот Сабор.
Ова е една од последните во низата изјави дека нешто сериозно се случува во Брисел, додека Унијата се обидува да фати сигурен приклучок при едни тектонски геополитички глобални промени. Засега, очигледно е, за жал, дека на ЕУ тешко ѝ оди. Во тој контекст, повеќе наши соговорници, професори и интелектуалци, истакнуваат дека токму сега „не ни е потребно членство во една ваква аморфна творба“ и дека треба малку стрпливост да се види како ќе се движат работите, а да им посветиме должно внимание на внатрешните реформски процеси.
– Ние имаме чувство дека не би сакале да влеземе во ваква ЕУ, и тоа на брза лента, заради некакви политички мотиви на европските елити. Тој терен се подготвува за Украина, а по автоматизам и за овие наши земји од регионот, вклучувајќи ја и Македонија. Тоа е поразително. Не е добро ни за нас, а ни за ЕУ. Ќе прашате зошто? Одговорот е затоа што не сакаме да му дадеме легитимитет на Брисел дека бил во право кога прекутрупа, политички –арбитрарно, ги примил и Бугарија и Романија, игнорирајќи ги сите свои европски вредности и принципи. ЕУ во својот организам на тој начин внесе канцероген состав ,кој тотално го загади целиот здрав организам! Тоа е стравотна политичка грешка на ЕУ и сега, поради тоа, ЕУ ги чувствува последиците… Европа изгуби на кредибилитет, излезе од рамките на меѓународното право и се обиде да ги заштити своите членки само затоа што се „членки на семејството“, а не застана на страната на правото и правдината. Тоа е случајот со Македонија (во „договорите“ со Грција и со Бугарија). Светот не е слеп, го гледа тоа… – истакнаа нашите соговорници, заклучувајќи дека Македонија одамна заслужи да биде во ЕУ, но не во ваква Унија каква што е сега.