Не може да има никакви преговори за Украина беа учество на Киев, се посочува во текстот на предлог-заклучоците од денешниот специјален Европски совет во Брисел посветен на поддршката на Украина и одбраната на Европа.
Дополнително во заклучоците, усогласени претпладнево од страна на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ во Брисел, се нагласува и дека ЕУ мора да биде вклучени во какви било разговори што се поврзани со безбедност на Европа.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во врска со евентуален прекин на огнот во Украина во заклучоците се посочува дека такво нешто може да се случи само како дел од процесот што би водел кон сеопфатен мировен договор.
Ова е само предлог текст и можно е да дојде до измени на неговата содржина во конечната верзија на заклучоците, што треба да бидат усвоени на крајот на денешниот Самит.
Инаку, во досегашниот тек на лидерската средба, шефовите на држави или влади на членките на ЕУ одржаа работен ручек со украинскиот претседател Володимир Зеленски на кој се дискутираше за поддршката на Унијата за Украина.
По ручекот започна работниот дел од Советот на кои лидерите разговараат за европската безбедност и одбрана, а како основа на дискусијата, според најавите, ќе биде Планот за повторно вооружување на Европа, што вчера го промовираше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Во пресрет на Самитот, унгарскиот премиер Виктор Орбан најави дека ќе стави вето на заклучоците од Самитот доколку тие содржат најава за дополнителна воена поддршка за Украина, додека словачкиот премиер Роберт Фицо ја услови поддршката за документот со добивање гаранции од ЕУ дека ќе изврши притисок врз Киев за продолжување на транзитот на руски гас преку украинска територија.