Ланските победници Аитана Бонмати и Новак Ѓоковиќ / Фото: ЕПА

Во конкуренција за признанијата за најдобри во светот за лани се Бајлс (гимнастика), Кипјегон, Хасан, Меклафлин-Левроне, Дуплантис (атлетика), Маршан (пливање), Бонмати (фудбал), Сабаленка, Алкараз (тенис), Ферстапен (формула 1) и Погачар (велосипедизам). На церемонијата во Мадрид, на 21 април, ќе бидат доделени награди вкупно во осум категории

НАГРАДИ ЗА НАЈДОБРИТЕ ВО СВЕТОТ ЗА 2024 ГОДИНА

Олимписките шампиони од минатата година Симон Бајлс, Мондо Дуплантис, Леон Маршан, Фејт Кипјегон, Сифан Хасан и Сиднеј Меклафлин-Левроне се меѓу ѕвездите во потесниот избор за светските спортски награди „Лауреус“.
Американката Бајлс, најодликуваната гимнастичарка во светот, е трикратна победничка во изборите за оваа награда, а во минатата година ја доби и наградата за враќање на годината, пишува „Би-би-си“. Таа освои три златни медали во Париз и сега има 11 олимписки медали. Во потесниот избор ѝ се придружуваат Американката Меклафлин-Левроне, атлетската шампионка на 400 метри со пречки и во штафетата 4х400 метри, Кенијката Кипјегон, која ја освои третата титула на 1.500 метри во атлетика, холандската ѕвезда Хасан, шампионка во маратон, ланската победничка, шпанската фудбалерка Аитана Бонмати и светскиот тениски рекет број еден Арина Сабаленка од Белорусија, пишува „Би-би-си“.
На машката листа се скокачот со стап Дуплантис, кој ја задржа својата олимписка титула и кој досега го собори светскиот рекорд 11 пати, потоа пливачот Маршан, освојувач на четири олимписки злата лани во Париз, победникот од 2023 година во изборот за награди „Лауреус“, Макс Ферстапен, кој ја освои својата четврта последователна титула во Формула 1, словенечкиот велосипедист Тадеј Погачар, кој победи на Тур де Франс и на Џиро д’Италија и ја освои светската титула, како и шпанскиот тенисер Карлос Алкараз, победник на гранслем-турнирите Ролан Гарос и Вимблдон.
За наградата за тим на годината, пак, во конкуренција се шест тима, и тоа Барселона жени (фудбал), Бостон селтикс (кошарка), Мекларен (Формула 1), Реал Мадрид мажи (фудбал), Шпанија мажи (фудбал) и САД мажи (кошарка), пишува „Би-би-си“. Награди „Лауреус“ ќе бидат доделени вкупно во осум категории. Наградите „Лауреус“ се доделуваат од 1999 година, а најмногу признанија во машка конкуренција досега освоија Новак Ѓоковиќ (Србија, тенис) и Роже Федерер (Швајцарија, тенис) по пет, а во женска конкуренција Серена Вилијамс (САД, тенис), четири.
Номинираните за наградите ги избира панел од новинари и радиодифузери, а победниците за годинава ќе бидат објавени на церемонијата во Мадрид, на 21 април. За наградите ќе гласаат 69-те спортски легенди на светската спортска академија „Лауреус“, пишува „Лауреус“. Н.М.