Колекцијата на поединечни спортски медали полека но сигурно станува сѐ поголема и сѐ повеќе ја исполнува трофејната ризница на спортска Македонија. Но во неа сѐ уште има место, секако. А за да биде таа уште побогата, поединечните спортови ја очекуваат заслужената поддршка од Министерството за спорт
Добро се сеќавам како да беше вчера. Бевме многу радосни. Убаво беше да се слуша и да се гледа развиорено македонското знаме. Душата исполнета, гордоста до зенитот, чувствата неописливи. Борачот во слободен стил Могамед Ибрагимов беше првиот македонски спортист во независна Македонија што се закити со медал, бронзен, од Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2000 година во Сиднеј (Австралија). Чекавме 21 година да се случи истиот момент, но сега чекор погоре на подиумот се искачи младиот перспективен таеквондист Дејан Георгиевски, вториот Македонец во историјата на самостојна Македонија што од ЛОИ се врати дома со медал. И повторно иста слика, срцето забрзано чука, националната еуфорија до максимум, сребрениот медал на градите гордо блеска како зраците на македонското сонце. А, македонското знаме во рацете на славеникот развиорено лебди над татамите во Токио.
Исти слики видовме и на шаховските олимпијади низ минатото, кога Драгољуб Јаќимовиќ освои злато, Владимир Георгиев и Тони Лазов сребро, а Трајко Недев бронза, и тоа во конкуренција на многу силни велемајстори. Каратистите Елвир Куртановиќ, Жарко Арсовски, Иво Цветковски, Огнен Груевски, Емил Павлов, Мартин Несторовски, Наташа Илиевска и многу други, кикбоксерот Бобан Илиоски стана светски првак, а надежната таеквондистка и олимписка учесничка од последните ЛОИ во Париз 2004, Милијана Рељиќ, е вистинска колекционерка на медали од најсилните турнири, како и ЕП. Секако, медалисти има и во боречките спортови, џудото…, да не ги набројувам сега сите, давајќи го последниот атом од своите сили да стигнат дотаму. Би рекол, веќе нема некој силен меѓународен турнир, па и ЕП и СП, а македонски спортист во поединечна конкуренција да не се врати дома со некој медал.
Колекцијата на поединечни спортски медали полека но сигурно станува сѐ поголема и сѐ повеќе ја исполнува трофејната ризница на спортска Македонија. Но во неа сѐ уште има место, секако. А за да биде таа уште побогата, поединечните спортови не треба финансиски да каскаат зад колективните (ракометот, кошарката, фудбалот, одбојката), во кои Министерството за спорт со право сега го насочи пикот, туку и тие да добиваат средства сразмерно на успесите што ги постигнуваат.
Оти, едноставно и тие се дел од афирмацијата како на македонскиот спорт така и државата Македонија. Сметам дека како мала земја, можеби ние и треба да ја бараме таа шанса токму во овие поединечни спортови и спортисти, кои со многу вложен труд, полетен ентузијазам, мотивираност, успеваат да ја остварат поставената цел и да ја израдуваат македонската јавност, но истовремено и да ја обединат. Затоа во иднина, ако е потребно, нека се донесат и врвни спортски тренери и стручни соработници од странство, со една цел, а тоа е да им се овозможат уште подобри услови на тие докажани спортисти (но и на оние што ги прават првите чекори), како потврда дека имаат потенцијал и квалитет за нови високи медали. Разбирливо, сразмерно на заслугите да им се доделуваат и соодветни парични средства за постигнатиот успех, како и за понатамошно спортско усовршување. Со нивната упорност, пожртвуваност, „милион“ тренинзи и „литри“ излеани капки пот, тие успеваат да се искачат на славеничкиот подиум, за кој многумина само може да сонуваат. А, сите овие поединечни спортски успеси се должат на секојдневната макотрпна работа и поставените долгорочни цели на спортските федерации. Токму затоа овие, условно речено, „мали“ спортови со право може да се наречат и двигатели на спортот кај нас, оти на спортските терени излегуваат сами, немаат директна поддршка од други соиграчи и на теренот сѐ зависи од нив самите, а носат медали, што само дополнително го зголемува нивниот успех.
Точно е тоа дека ракометот е спорт број еден во Македонија, и треба да биде. Нивната континуираност во низата настапи на ЕП и СП само го потврдува горенаведеното. Досегашниот успех на ракометарите како колективен спорт, со нивната пожртвуваност, како и оној што во иднина ќе надоаѓа во бранови, треба да претставува патоказ и потврда за силината на македонскиот спорт. Едноставно, ракометарите го докажаа тоа и годинава на последното СП во Вараждин (Хрватска), кога играа со полно срце за Македонија. Секако, треба да се обрне внимание и на кошарката и женската одбојка, кои никако да се вратат на вистинскиот пат. Македонските репрезентативни предизвици за нив во вистинскиот правец допрва претстојат.
Секако, секој оптимизмот е добредојден кога е во насока на креирање на оние следни чекори и остварување на планираното како во подготовките така и на официјалните натпревари. Но тој треба да се базира и на моменталната реалност, можниот капацитет и, секако, максималното искористување на секој слободен миг во претстојниот период. Точно е и тоа дека до успех во никој случај не се стигнува прекуноќ. Напредок во спортовите сепак мора да има, а спортската упорност и желба за победа, и индивидуална и колективна, ќе мора да се засилат, без разлика на ривалите и каде ќе се остварува.
Владата го поддржува спортот. И со право, би рекле, оти спортот е здравје, преку него се гради и здрава нација, а се афирмира државата. Буџетот е зголемен речиси трипати, а тој треба да биде поделен како на колективните така и на поединечните успеси, секако сразмерно на постигнатите успеси.