Фото: Пиксабеј

Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум денеска изјави дека Мексико на тарифите од 25 отсто воведени од САД ќе одговори со контрамерки – царини за американски стоки.

Шејнбаум рече дека производите на кои Мексико ќе воведе царини ќе бидат објавени во недела на јавен настан на централниот плоштад во Мексико Сити.

– Не постои мотив или причина, ниту оправдување за оваа одлука (на Америка) што ќе влијае на нашиот народ и нашата нација – рече таа.

Денеска стапија на сила царините за стоки од Канада, Мексико и Кина.

Од полноќ, за производите од Канада и Мексико ќе се наплаќа тарифа од 25 проценти, додека канадските енергетски производи ќе имаат дополнителна тарифа од 10 проценти.

Тарифата од 10 отсто што Трамп ја воведе за увоз од Кина од денеска е двојно зголемена на 20 отсто. Кина веднаш објави дополнителни царини за клучните американски земјоделски производи.