Тектонскиот судир на две масивни идеолошки спротивставени колосални плочи

Поради неолибералната ароганција, Вашингтон направи уште една суштествена грешка, односно не ги земаше предвид политичките интереси на другите големи. Но апсурдот на американската експолитичка елита не заврши тука, одредени американски државни претставници со алатките на неолибералната идеолошка агресија започнаа да се мешаат и во внатрешните работи на Москва или на Пекинг и каде сѐ не… Како што беше изјавата на Хилари Клинтон дека руските претседателски избори не биле слободни. За Кина нешто слично… А за помалите нации и држави… да не споменувам што… Каков апсурд, само замислете Вашингтон ја третираше Руската Федерација како да станува збор за некоја тукушто проодена нација и држава што нема поим од „демократија“?! И, ете, суверенизмот како идеологија никна и расте… Трампизмот е негова нова манифестација…

Се вели дека границата помеѓу ароганцијата и самодовербата е тешко видлива, но ароганцијата е карактеристична за личностите што се сметаат себеси за супериорни и речиси никогаш не ги слушаат мислењата и советите на другите. Не случајно, арогантните личности се преценуваат себеси и мислат дека се неколку чекори пред другите. Спротивно од ова, личностите со самодоверба секогаш се отворени за различните ставови, умеат да се соочат со сопствените грешки и добро да ги прифатат критиките на сопствена сметка, оттука овие личности одлично комуницираат со околината што ги опкружува. Доколку внимателно погледнеме на нештата, очигледно е дека ароганцијата е пречка за поттикнување и одржување позитивни односи со личностите што нѐ опкружуваат. Доколку ова разбирање го примениме и во сферата на геополитиката, тогаш неизбежен е заклучокот дека ароганцијата негативно се одразува во општењето помеѓу државите, нациите или општествата во сите сфери на политичкото и економското битисување.
Колку и да му звучи некому неверојатно, американската надворешна политика во изминативе три децении се одликуваше со наперченост, надменост или дрскост, со други зборови, Вашингтон се сметаше себеси за супериорен, а под плаштот на демократско-либерални формули спроведуваше глобализација, „климатски обврски“, зелени агенди… Овие сценарија на американската надворешна политика се должеа на неолиберална идеолошка матрица што настана непосредно пред крајот на Студената војна. Во очите на некои американски политиколози, крајот на Студената војна и распадот на Советскиот Сојуз беа победа за либералната демократија. Оттука одредени неолиберални мислители започнаа да го обмислуваат новиот светски поредок без да ги земат во предвид интересите на другите светски сили, како што се Русија, Кина или Индија. Поради неолибералната ароганција, Вашингтон направи уште една суштествена грешка, односно не ги зеде предвид политичките интереси на Москва. Но апсурдот на американската политичка елита не заврши тука, одредени американски државни претставници под влијание на неолибералната догма започнаа да се мешаат и во внатрешните работи на Москва или на Пекинг, како што беше изјавата на Хилари Клинтон дека руските претседателски избори не биле слободни. Каков апсурд, само замислете, Вашингтон ја третираше Руската Федерација како да станува збор за некоја минорна нација и држава, која нема огромни природни ресурси или нуклеарно оружје!

Од оваа неолиберална арогантност во голема мера произлезе и војната во Украина, а не како што вели анегдотата дека поради изолацијата од пандемијата на коронавирусот, кога милиони луѓе правеа чудни нешта, Путин реши да ја нападне Украина. Комплексниот судир, во кој учествуваат целиот западен свет и Русија, не може да се објасни со душевната состојба на Владимир Путин, ниту пак може да се префрли сета вина врз Москва. Нештата се сложени, но тоа не значи дека не треба да се обидеме да ги разбереме. Односите на рускиот претседател Владимир Путин со Вашингтон беа сложени и напнати во изминативе две децении, но во почетокот беа ветувачки.
Американскиот претседател Џорџ Буш, по средбата со Путин во Љубљана, изјави дека му верува на рускиот претседател и дека може да соработува со него. Неколку месеци по средбата во Љубљана меѓу двајцата светски лидери, Осама Бин Ладен и неговата терористичка организација ги извршија нападите на 11 септември кога загинаа илјадници американски граѓани. Неколкумина веродостојни извори од Белата куќа посочуваат дека во тие критични моменти, токму Владимир Путин бил првиот што стапил во контакт со американскиот претседател, изразувајќи длабоко жалење и подготвеност за соработка. Кога било очигледно дека Соединетите Американски Држави ќе извршат инвазија врз Авганистан, за ги отстранат талибанците, кои биле заштитници на Бин Ладен, рускиот претседател не се спротивставил, напротив ја понудил својата помош. Владимир Путин успеал да издејствува од неколку централноазиски држави дозвола за привремени американски бази од каде што започнале нападите врз Авганистан. Очигледно е дека Владимир Путин и Русија работеле кон подобрување на односите со Вашингтон и создавање трајни сојузнички врски.

Меѓутоа, по одлуката на Џорџ Буш за инвазија врз Ирак со цел соборување на авторитарниот режим на Садам Хусеин, доаѓа до заладување на односите помеѓу Вашингтон и Москва. Рускиот претседател не гледал оправданост и покрај американските обиди да докажат дека Садам Хусеин поседува оружје за масовно уништување, наводи што потоа беа докажани дека се лажни. Американската инвазија врз Ирак беше оној пресуден момент што ги наруши и ги залади односите помеѓу САД и Русија, а тоа беше очигледно во минхенскиот говор на Путин од 2007 година. Во оваа пригода рускиот претседател јасно посочи дека во светот никој не се чувствува безбеден и тоа води кон трка во вооружување. Со други зборови, Владимир Путин го обвини Вашингтон дека со својата надворешна политика ја нарушува безбедноста на светскиот поредок, бидејќи се обидува да се наметне како светски хегемон. Од минхенскиот говор до ден-денес, Путин во Вашингтон не гледа сојузник, туку противник кому треба да му се спротивстави во секоја пригода.
Унилатералното однесување на Вашингтон во глобални рамки, како и носењето на одлуките на Вашингтон без усогласување на ставовите со Руската Федерација родија една непријателска надворешна руска политика. Следствено кога беше најавено дека Грузија е можно да стане членка на НАТО, Путин ја испрати својата армија под претекст дека ги заштитува жителите на двете отцепени грузиски области. На сличен начин може да се објасни и одлуката на Путин за анексија на Крим, како и создавањето на двете проруски републики во рамките на Украина. Во овој контекст треба да се гледа и причината за денешната украинска војната. На руската инвазија врз Украина ѝ претходеше потпишувањето на стратегискиот договор помеѓу Вашингтон и Киев, со што Украина официјално страна сојузник на САД. Во овој чекор, Владимир Путин виде загрозување на руските стратегиски интереси, со други зборови, во Украина гледа сфера на руско влијание.

Но новата американска администрација на Доналд Трамп на геополитиката не гледа со очите на неолибералната ароганција, туку низ призмата на реал-политиката, како и максимата на Хенри Кисинџер дека Америка нема вечни пријатели или непријатели, има само интереси. Оттука произлегуваат и последните обиди на Вашингтон за крај на војната на Украина, а Трамп за разлика од претходните американски претседатели признава дека Москва е крупен играч во светската политика. Затоа денешен Вашингтон е подготвен за одредени политички отстапки кон Руската Федерација и нормализирање на американско-руските односи. Оваа нова реалност беше очигледна на последната средба меѓу Доналд Трамп и украинскиот претседател Зеленски, кога американскиот претседател јасно покажа дека нештата ќе се одвиваат многу поинаку. Но многумина не ја разбраа суштината, односно дека неолибералната ароганција повеќе не е основата на американската надворешна политика, туку дипломатијата и почитувањето на другите, особено ако станува збор за крупен играч, како што е Руската Федерација.