Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, изјави дека темата за инцидентот со пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска за неа е завршена и дека се фокусира на својата работа.
На денешната прес-конференција во Владата, министерката посочи дека веќе изразила жалење за целиот контекст. Според неа, народот има поважни теми. Таа потенцираше дека немала никогаш намера да навреди никого, напротив, како што рече „таа самата го знае тоа, но, вака ѝ чини сега да изигрува жртва“.
-За мене темата е затворена, се фокусирам на мојата работа за која имам одговорност да ја работам и со задоволство најавувам рекордно нивно на инвестиции во Македонија. Затоа им сметам, затоа што темелно, чекор по чекор си ја работам работата. Резултатите се јасни и видливи, тие се во исто време и мерливи. Не исклучувам да продолжат со напади кон мене, но, тоа е и дел од работата која ја имам чест да ја водам, да му служам на мојот народ и државата- рече таа.
Министерката рече дека реакциите во јавноста следуваат, откако, „се координирале да прават тема од ова“.
-Откако се координирале, прават тема од ова. Бидејќи, како што можевте да заклучите, додека дискутиравме во собранието немаше реакции, им требаше време да се реорганизираат, да размислат, да видат и да дефокусираат. Но, секако, повторувам, ниедна туѓа навреда кон мене нема да ме вовлече да навредувам и да возвраќам со навреди. Ова сѐ ќе помине и за мене е најважно да останеме луѓе и да помагаме на луѓето колку што можеме- посочи таа.
Од Социјалдемократскиот сојуз денеска побараа оставка од министерката за финансии Гордана Димитриоска Кочоска поради изречени навреди кон пратеничката Славјанка Петровска на вчерашната седница на Собраниетo.
На прес-конференцијата пред Министертсвото за финансии, пратеничката Јованка Тренчевска истакна дека искажаните зборови од министерката не биле навреда само кон Петровска, туку кон секоја жена и човек што некогаш бил дискриминиран, омаловажен или повреден.
-Кога министерка во оваа држава ќе се осуди да каже дека една жена не може да зборува за семејството само затоа што нема деца, тогаш тоа не е само навреда. Тоа е удар врз достоинството на сите нас, тоа е ароганција, тоа е дискриминација, тоа е нечовечност. Наместо извинување и признание на грешката, Кочоска и ДПМНЕ продолжија со нападите врз Славјанка Петровска. Наместо да покажат барем трошка почит и човечки да се извинат, тие одлучија да ја нападнат Славјанка уште повеќе, ја обвинија дека глуми жртва – истакна Тренчевска.
Од СДСМ нагласија дека владејачката партија и министерката не ги разбираат вредностите на современото оштество и болката од ваквиот однос, не признаваат грешка, бегаат од одговорност и вината ја бараат кај жртвата наместо кај сторителот.
Најавија дека ќе побараат итна седница на Комисијата за дискриминација на која ќе се расправа за однесувањето на Кочоска и за поширокиот проблем на дискриминација во институции врз основа на полова припадност.
-Исто така, ќе иницираат законски измени или кодекс што ќе ги санкционира дискриминаторските навреди и говорот на омраза во институциите, особено од високи функционери, посочија оттаму.
Вчера на собраниската седница за пратенички прашања пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска поставувајќи прашања се осврна на неодамнешните изјави на министерката Димитриеска-Кочоска за цените на храната, како грашокот од конзерва и количината млеко што треба да ја конзумира едно семејство. Во одговор на тоа Димитриеска-Кочоска ја праша Петровска „врз основа на што ги ставате во уста мајките што имаат деца и како вие знаете едно повеќечлено семејство колку треба да троши“. „Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно четиричлено семејство. И чисто вака да ви укажам да проверите на Државниот завод за статистика, согласно последниот попис што вие го направивте, во Македонија просечно е тричлено семејство, а не четири“, рече таа. По ова уследија низа реакции од политичките партии, по што на Фејсбук се огласи министерката која кажа дека немала намера да ја навреди Петровска, но оти „почитта мора да се заслужи“. Димитриеска-Кочоска изрази жалење што нејзините зборови биле погрешно разбрани.