Семејството – прво при заштитата на децата од интернет-злоупотреба!

Исклучително е важно дејствувањето на родителите кон децата. Но не помалку е важно и дејствувањето на стручните служби врз родителите и тоа како тие да се запознаат со начините за заштита на своите деца од интернет-опасностите, како да се води поголема контрола за тоа колку време поминуваат на интернет и кои интернет-страници ги посетуваат, вклучувајќи и запознавање на родителите со можностите што ги нудат софтверите за филтрирање на несаканите содржини. Комерцијално достапните софтвери им овозможуваат на родителите да ги ограничат, да ги блокираат или да ги следат комуникациите на нивните деца при користење интернет и може да бидат достапни од страна на одредени интернет-провајдери

Прилог кон спречување на насилството што ги разградува детскиот вредносен систем и вредносниот систем на нашата заедница

Децата како ранлива група, користејќи ги привилегиите на информатичкиот развој, во сè поголема мера се изложени на разни содржини, кои промовирајќи насилство го разградуваат нивниот вредносен систем, наедно и вредносниот систем на нашата заедница. Социјалните проблеми, транзициските периоди и кризата наметнаа „нови морални вредности“ кај младата популација. Децата по природа се љубопитни и лесно влегуваат во ризик.
Интернет-мрежата успеа со својот развој да ја разбие традиционалната комуникациска бариера и да овозможи достапност на информации на секого во кое било време и на кое било место во светот. Децата станаа најранлива корисничка група што е изложена на сите ризици и опасности што постојат во т.н виртуелен свет.

Ризици од интернет кај најмладата популација

Како потенцијални ризици од употребата на интернетот кај младата популација се појавуваат: долг временски период поминат со користење интернет (интернет-зависност), веб-страници што содржат детска порнографија, дискусии по форуми и блогови, испраќање вознемирувачки и заканувачки пораки, испраќање лични податоци и слики на непознати лица, комуникација со непознати лица на интернет, онлајн насилство. Овие типови на изложеност на децата во дигиталната средина потенцијално создаваат негативно влијание врз физичкиот, емоционалниот, когнитивниот и социјалниот развој на децата.
· Мобилните телефони најчесто служат за снимање разни настани и случки. Честопати малолетниците ги злоупотребуваат, снимаат разни експлицитни содржини и истите тие веднаш ги ставаат на интернет и ги прават достапни за широката јавност. Често се разменуваат и разни снимки во кои има детска порнографија и истиот материјал по пат на Блутут се пренесува од еден на друг уред и на тој начин се врши дистрибуирање на детската порнографија. Со тоа многу малолетни лица се виктимизираат, а познати се случаи и на уцени, сѐ со цел компромитирачките материјали да не се појават во јавноста. Со напредокот на новите технологии и појавата на новите мобилни телефони е овозможено и директно поврзување на интернет-мрежата, а со тоа се зголемува и потенцијалната опасност од разните видови на злоупотреби.
· Социјалните мрежи како што се Фејсбук, Твитер, Мајспејс, Инстаграм, Френдфајндер, Класметс, Хајфајв, Тикток се популарни и се дизајнирани за комуникација помеѓу луѓето и споделување искуства и информации.
Првите верзии на овие мрежи биле создадени со идеја за онлајн дружење и повторно воспоставување одамна заборавени пријателства. Но денес тие социјални мрежи имаат друга димензија. Дали некогаш сме размислиле колкав е степенот на нашата приватност со поставување низа податоци и информации на статусот на нашиот регистриран профил на тие социјални мрежи? Дали сме се запрашале дали нашите фотографии и фотографиите на нашите деца можат да се злоупотребат и по пат на компјутерска обработка на слики-метаморфоза да се злоупотребат за порнографски содржини и материјали и да бидат објавени на порнографски страници?
Ситуацијата може дополнително да се усложни доколку на социјалните мрежи децата комуницираат со непознати лица. Тие лица најчесто се нарекуваат интернет-предатори, кои ги искористуваат невниманието, незнаењето, искреноста и детската наивност и од нив бараат разни лични податоци и фотографии. Низ светот се познати многу случаи каде што педофилите своите жртви ги нашле преку интернет, ги намамиле и во реалниот свет многу од тие деца завршуваат сексуално злоупотребени, силувани, киднапирани, тргувани или, пак, убиени. Постојат случаи каде што децата преку интернет-комуникацијата, верувајќи му на соговорникот од другата страна на компјутерот, кој им ветува „подобар живот“, завршуваат во проституција или во трговија со деца, кои понатаму се злоупотребуваат и виктимизираат во разни криминални активности. Децата исто така се намамуваат да испраќаат разни свои фотографии, кои понатаму од другата страна „интернет–ловците ги обработуваат со специјални програми и ги користат за порнографски содржини и од нив изработуваат компромитирачки порнографски материјали и ги објавуваат на порнографски страници. За таа цел битно е да се дефинира границата на овие социјални мрежи, и тоа границата помеѓу приватноста и безбедноста.
Особено треба да се внимава кои информации се оставаат на овие социјални мрежи, да не се прифаќаат контакти со непознати лица, а секако една од најбитните препораки е да се информираат децата и младата популација дека не треба да се оставаат фотографии и лични податоци што можат да бидат злоупотребени. Преку социјалните мрежи најчесто се испраќа линк (врска) што води до страница или до фајл што содржи порнографски содржини во кои се инволвирани деца. Честопати на тие социјални мрежи за дружење се поставени и слики со еротски содржини, порнографски материјали во профилот што го има креирано самиот корисник.

Честопати се креираат и лажни профили со лажен идентитет и лажни податоци.
Малолетниците преку овие мрежи стануваат пријатели со луѓе што никогаш претходно не ги виделе во животот, не знаејќи што може да се крие од другата страна. Тие често договараат и лични средби, а на тој начин се изложуваат на опасноста да станат жртви на проституција, педофилија, трговија со деца, секс-туризам и слично.
Но загрижува и однесувањето на многу родители на социјалните мрежи. Имено, многумина од родителите, несвесни или не знаејќи за ризиците што постојат, ставаат фотографии од своите штотуку новородени деца или, пак, семејни албуми од летните одмори на кои се фотографирани со своите малолетни деца. Ризикот е голем за злоупотреба на таквите фотографии. Педофилските криминални мрежи користат софистицирани програми и опрема со кои вршат монтажи, односно метаморфоза на истите фотографии и ги злоупотребуваат за порнографски цели. Имено, се искористува ликот на детето од фотографијата, а телото на детето се „открива, разголува“ со посебни програми и таквата новодобиена фотографија подоцна се закачува на порнографски веб-портали и е достапна за широката јавност. Откривањето и докажувањето е многу тешко, а последиците се огромни за детето – жртва инволвирана во порнографска фотографија. Покрај тоа, друг ризик што носат социјалните мрежи е и комуникацијата со непознати лица. Социјалните мрежи се место каде што се пронаоѓа и одбира жртвата.
За таа цел треба да се дејствува врз младите со кампањи и предавања во образовниот систем, со цел да се запознаат какви злоупотреби се вршат преку интернет, како можат лесно да станат плен на „интернет-ловците“ и да им се укаже на заштитата од таквите несакани појави. Особено е важно и дејствувањето врз родителите, да се запознаат како да ги заштитат своите деца од интернет-опасностите, како да се води поголема контрола за тоа колку време поминуваат на интернет и кои интернет-страници ги посетуваат, како и запознавање на родителите со софтверите за филтрирање на несаканите содржини. Комерцијално достапните софтвери им овозможуваат на родителите да ги ограничат, да ги блокираат или да ги следат комуникациите на нивните деца при користење интернет и може да бидат достапни од страна на одредени интернет-провајдери. Социолошкиот аспект е мошне значаен, особено во делот од превентивата, кој може да се спроведе од низа институции од владиниот и невладиниот сектор, а особено од оние што работат во областа на детските права, преку вршење едукации на оваа тема, организирање работилници и трибини, кампањи и брошури, сѐ со цел подобро да се запознае населението од опасностите што демнат на интернет, а особено во делот на превенција од детската порнографија, која, пак, може да биде иницијален чекор понатаму за секаков вид злоупотреба на детето како што е проституција, трговија..


Како да се заштити сопственото дете?

Семејството може да придонесе во превентивниот дел за заштита на детето при користење на интернетот. За да можат родителите активно да придонесуваат за заштита и превентивно дејствување на сопственото дете, потребно е да се изврши едукација најпрво кај родителите за издигање на јавната свест и информираност за сите ризици што постојат на интернет. Тие едукации можат да бидат по пат на проекти со отворени работилници на кои би учествувале родителите. Целта е да се запознаат и да бидат информирани кои опасности и ризици ги носи интернетот и како преку интернетот може да биде злоупотребено детето. Како нaјзначајни превентивни мерки што секој родител мора да ги знае и да го научи своето дете се:
– Едукација на децата дека своите лични податоци не смеат да се оставаат на интернет (име, презиме, адреса, идентитет на родителите, лозинки, име на училиштето во кое учи и слично). Со оставање на личните податоци може да се изврши злоупотреба на идентитетот.
– Никогаш да не се остваруваат контакти во живо со непознати лица од интернет-комуникацијата (при тие контакти подоцна децата би можеле да бидат злоупотребени за разни илегални активности, односно инволвирани и виктимизирани во криминални однесувања).
– Советување на децата дека никогаш не треба да се одговара на сомнителни имејл-пораки.
– Да не вршат порачки преку интернет и да не го објавуваат бројот на кредитната картичка без одобрение на родителите.
– Секогаш да се разговара со децата и да се советуваат дека за одредени работи што ги вознемириле на интернет треба веднаш да им се доверат на своите родители за помош.
– Да се советуваат децата дека на социјалните мрежи треба да прифаќаат само пријатели што ги познаваат, односно да не прифаќаат пријателство со непознати лица.
– Децата да се информираат дека поседувањето, праќањето и примањето фотографии и видеоснимки што прикажуваат разголени и голи деца или материјали во кои е прикажан сексуален однос во кој има инволвирано малолетно лице претставуваат казнено дело.
За поголема заштита и спречување секаков вид злоупотреба преку интернет, а особено злоупотреба на најмладата популација како најранлива категорија, потребна е поголема едукација за издигање на јавната свест и информирање за можните ризици. За таа цел е потребно подготвување сеопфатна стратегија и заедничка меѓуинституционална соработка на субјектите што работат на оваа проблематика. Едукацијата на младите треба да биде насочена кон одржување предавања по училиштата, организирање трибини, семинари, работни групи што по пат на пропаганден материјал и излагање на експерти од оваа област би ги информирале децата за сите можни опасности и ризици што се закануваат од интернет -комуникацијата. Децата се особено подложни поради нивната детска отвореност, наивност и неискуство, но и возрасните, бидејќи за голем дел од нив интернетот претставува сосема нов и непознат медиум. Затоа, познавањето на некои основни правила за внимателно однесување на интернет секому може да му биде од корист и да му помогне да се заштити себеси, но и своите најблиски.
Државата треба да сфати дека најдобра инвестиција е инвестирањето во младите. Во време на брза комуникација се раѓа и брза опасност за децата. Како никогаш досега им се потребни грижа, внимание, контрола, водство, а пред сѐ љубов, бидејќи без сите овие работи брзото темпо на живеење продуцира само нездрава младина. А, преку систематската негрижа за младите државата не само што си поигрува со нивната сегашност туку им ја продава и иднината…

Автор: Жаклина Јованова, магистерка од областа на криминалистиката и
криминологијата