Како Трамп ја стресе и Македонија

  • Чудно што обидите за воспоставување поблиски односи со Соединетите Американски Држави се подложни на критика, иако Америка одамна е назначена како најважен, ако не и прв, македонски стратегиски партнер. Тоа партнерство е официјална македонска определба, тој однос кон САД го имаат декларирано сите релевантни партии, со исклучок на неколку минорни и делумно влијателни колумнисти
  • Што да кажам за примената на додворувачкиот стил во кој водат токму западноевропските лидери, кои не го посакуваа неговиот избор, жестоко го критикуваа, дури и го исмеваа. Ако се погледне сега како се однесуваат Макрон, Фон дер Лајен, премиерот на Британија, Каја Калас и редица други, јасно ќе се види дека лицемерно му се умилкуваат на Трамп за да ги прими под неговите пазуви. Без срам, без перде и без политичко и морално достоинство…

Американскиот новинар и писател Џон Рид во 1919 година ја објави книгата „Десет дена што го потресоа светот“. Во неа тој ги опишува деновите на Октомвриската револуција во Русија од 1917 година, за кои беше редок американски сведок. Тоа беа денови во кои комунизмот се појави како нов светски поредок на чело со Ленин. Книгата стана светски бестселер, беше единствен прозорец за тоа што се случувало во таа непрегледна „тера инкогнита“, дотогашна царска монархија и кога „црвените“ за првпат во историјата дојдоа на власт.
Насловот на книгата, графичкото обликување на црвената корица, со Ленин со качкетот, исправен на трибина, беше еден од возбудливите предизвици на моите почетни гимназиски години. Книгата, видливо упадлива на рафтовите во градската библиотека во Ресен, ме мамеше како со изгледот така и со содржината во неа. Ја зедов, ја читав, разбрав толку колку што можев да разберам на тие години.
Сакав да не ја вратам зашто имав желба да ја имам. И покрај скриените намери да најдам начин да биде кај мене, не потпаднав под искушението. Сепак, се случи чудо. Пред десетина години на тезга кај Зелено пазарче во Скопје истата книга, по малку испарталена, ја купив за 50 денари. Времето ја имаше обезвреднето нејзината цена, исто така и содржината, која не го додржа ефектот на историската вредност. Сега е само немо сведоштво за еден неуспешен револуционерен настан што тогаш одекна како цивилизациски пресврт.

Америка, ЕУ и Македонија

Насловот „Десет дена што го потресоа светот“ сигурно може да послужи како парафраза за едно ново, не само политичко туку и книжевно дело со новиот американски претседател како главна личност. Уште сега може да се напише книга со наслов „Десет дена во кои Доналд Трамп го потресе светот“ или „Деновите кога Трамп го преврте светот“. Можеби е претенциозно, но не е исклучено некој експерт утре-другиден да напише книга со наслов „Трамп ја стресе и Македонија“, наведувајки ги реакциите во оваа мала држава по доаѓањето на власт и прогнозирајќи ги неговите погледи кон земјите од Западен Балкан.
Реакциите во македонската јавност се поделени како што се поделени во земјите од Европската Унија. Повеќето земји не го пречекаа неговиот избор со симпатии, имајќи предвид дека беа во тесни врски и делеа исти погледи со претходникот Џо Бајден. Унијата, не по првпат, ја покажа својата лицемерност, кога по неговиот избор токму оние лидери што го пречекаа со насобран нос побрзаа полтронски да му искажат лојалност и блискост. Иако се знаеше дека кога-тогаш ќе „пукне тиквата“, расцепот меѓу Америка и ЕУ се случи побрзо од очекувањата, особено по прашањето за војната во Украина, за што „новите американски шерифи имаат сосема поинакви гледања од европските улични позорникари“.
Трамп меѓу Македонците

Во тие рамки се движи и македонското политичко и јавно мислење. ВМРО-ДПМНЕ го очекуваше Трамп, СДСМ и ДУИ жалат за времето на Бајден. Првите, како власт, тријат раце надевајќи се дека се определиле на вистинската страна и дека ќе берат плодови од таа определба. Вторите, како опозиција, жалејќи се себеси, не можат да ги прежалат минатите години во кои, под маската на демократизација и европеизација, ја уназадија политички и економски сопствената држава. Не можејќи да излезат од таа кожа, нема да го третираат Трамп како гулаб што им носи маслиново гранче.
Некои од експертите, аналитичарите, медиумите, коментаторите, повеќето загрижени за секнувањето на паричните извори, не се баш најсреќни со промените. Оние што „навиваа“ за Русија, не верувам дека скокаат од радост, тие, најверојатно, уживаат во професионалното и лично задоволство што погодиле каков ќе биде епилогот. Односно дека кога ќе дојде Трамп на чело на Америка и сѐ ќе биде поинаку со Украина, со Русија и со Западна Европа.
Освен инцидентните првични пројави на тие разлики, за посериозен интензитет во изразувањето на поинаквите погледи придонесе гласањето за Украина во Обединетите нации, каде што Македонија ја поддржа американската, а беше воздржана при гласањето за украинската (западноевропската) резолуција. Овој став на македонската влада во некои кругови беше означен како погрешен и како оддалечување од патот до Унијата. Наводно нашата држава поради тоа ќе трпи последици, дури дека треба да чека и одмазда од нејзините членки. Тоа го рефлектираат некои Македонци што, ангажирани и користени на антимакедонска основа, изигруваат поголеми Украинци од Украинците.

Фото: „Нова Македонија“

Нашиот стратегиски партнер

Определбата на Република Македонија (сега Северна) при овој чин да застане на американска наместо на европска страна секако не е судир меѓу Македонија и ЕУ, за да се гледа на неа како идна опасност. Не е тоа судирот Тито – Сталин, ајде да се пошегуваме малку. Ниту е од типот на судирот меѓу Америка и ЕУ од 2008 година во Букурешт, кога Џорџ Буш Помладиот беше решил Македонија да стане членка на НАТО, а Европејците рекоа – не. Потоа сите среќни се прегрнаа, само Македонија, претставена од претседателот и премиерот, остана да виси во чекалницата.
Република Македонија, официјално, повеќе сака да стане членка на ЕУ отколку што членките на ЕУ сакаат да ја видат нашата држава во нејзините редови. Сите настани од минатото до денес го потврдуваат тоа становиште. Затоа, прерано, ако не и погрешно, е да се носат судови дека Македонија се оддалечува од Европа, дека станува вазал на Америка, користејќи ги услугите и дружбата со Вучиќ од Србија, Фицо од Словачка и Орбан од Унгарија, позната „злогласна“ тројка, која за повеќе нешта не се согласува со ставовите на мнозинството во Унијата.

Мицкоски на нишан

Чудно што обидите за воспоставување поблиски односи со Соединетите Американски Држави се подложни на критика, иако Америка одамна е назначена како најважен, ако не прв, македонски стратегиски партнер. Тоа партнерство е официјална македонска определба, тој однос кон САД го имаат декларирано сите релевантни партии, со исклучок на неколку минорни и делумно влијателни колумнисти.
При негативните експликации што се појавуваат во опозицијата и во медиумите блиски до неа, главен лик на критиките е претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Нему може, од една страна, да му се даваат комплименти од поддржувачите и, од друга страна, замерки од оние што не гласале за него и политички не го поднесуваат. Но прашање е колку се за критика или за подложување на иронија неговите настојувања да ја доближи македонската политика до американската. Дури и тогаш кога самиот настојува да си додаде дел поголема лична вредност, доближувањето до најмоќната држава во светот не може да се смета за минус. Тоа е дел што носи и личен престиж секако, но полезен во која било дипломатска активност.
Сигурно дека никој не очекувал чуда од неговите неколку патувања во Вашингтон во краток период, иако некој се прашува што навистина бара таму. Иако неговиот пропаганден тим настојува да ја наметне величината на значењето на посетите што граѓаните не ја гледаат, сепак не е за потценување напорот што го вложува Мицкоски раскажувајќи една нова државотворна политика на Македонија, поинаква од онаа на поранешната влада. Не е за занемарување определбата да се искористи она што може и колку што може. Дури и она што не може, но барем да се искаже. Ако некој мисли дека тоа е пеење лесен шлагер и дека нема лична цена, навистина не ја разбира политиката.

Пријатели и додворувачи

Што може да биде еретичко ако македонскиот претседател на Владата пробува да се доближи дури и до самиот Доналд Трамп, најмоќниот човек на најмоќната држава во светот? Да создаде пријателски врски во високите политички кругови на администрацијата? Да стекне познанства со милијардери иако тие се друга галаксија за малата ни држава? Кон Трамп клонат безмалку сите светски лидери, кој од кој се турка да му се доближи, да му искаже пријателство и лојалност, повеќе да понуди отколку да побара.
А што да кажам за примената на додворувачкиот стил во кој водат токму западноевропските лидери, кои не го посакуваа неговиот избор, жестоко го критикуваа, дури и го исмеваа. Ако се погледне сега како се однесуваат Макрон, Фон дер Лајен, премиерот на Британија, Каја Калас и редица други, јасно ќе се види дека лицемерно му се умилкуваат на Трамп за да ги прими под неговите пазуви. Без срам, без перде и без политичко и морално достоинство.
Но тоа се одлики на политиката, често споредувана со најстариот занает во светот. Кој не го разбира тоа, кој не го прави тоа, не може да остане или да напредува во неа. Тешко ќе ја оствари која било цел.