Пречекан како суперспортски „душман“ од рангот на скопски Вардар, Алкалоид го доби најголемиот комплимент за една, според временската рамка на постоење, млада екипа што постои само три години, а веќе им е трн во око на (нај)големите. Респектот што го покажаа чкембарите со полнењето на салата, а на терен го потврдија и мистер Раул Алонсо и неговата „запалена“ дружина играчи, имплицира сериозност и пристап кон играта што, според мене, го одлучи натпреварот, имајќи предвид дека Пелистер објективно е поквалитетен
Во дербито на колото, Пелистер убедливо го совлада скопски Алкалоид
Богат ракометен ден беше понеделникот во Македонија. Со Виктор од „Само ракомет“ утрото ја почнавме приказната на панел-дискусии, од кои првата имаше работен наслов „Ракометот е спорт број 1?“. Ми беше драго да се вклучам со сѐ што можам да помогнам, со главна цел, како и секогаш, да се зборува за ракометот, за убавите работи, за помалку убавите и проблемите, за популарноста на истиот тој, за базата и каде е таа како квантитет и застапеност, во однос на другите спортови. Од бројноста на присутните, нивниот статус во македонскиот ракомет, од „висината“ на специјалните гости и нивното учество во панел-дискусиите можеме да кажеме дека нема зима за ракометот, само да не дозволиме да заспиеме на тоа уво.
Голема обврска за идните изданија!
РАКОМЕТНА БИТОЛА СО ГОЛЕМ РЕСПЕКТ СПРЕМА АЛКАЛОИД, КАКО КЛУЧЕН ФАКТОР ЗА ТРИУМФОТ
Денот заврши со натпревар од Суперлигата, помеѓу два претендента за највисок пласман во македонската ракометна лига, домаќинот и актуелен шампион Еурофарм Пелистер и освојувачот на Купот, Алкалоид. Sold out или распродадено, „велеше“ една објава на официјалните друштвени мрежи на битолчани неколку дена пред самиот натпревар. Она што го видовме во „Боро Чурлевски“ пред и за време на натпреварот го потврди истото тоа и потврди уште многу други работи, пред сѐ дека само и само ракометот во оваа држава моментално може да наполни сала и да приреди шоу за секој Македонец. И точка. За другите сегменти од ракометот што ги спомнав погоре ќе се бориме и ќе се избориме да бидат подобри, затоа што тоа е процес што не престанува да се движи.
Забревтан и полетен, опиен од успехот во Европа, полн со самодоверба и суперпозитивен резултат од првиот дуел во Автокоманда, до синоќа, суперсоничниот Алкалоид слета во битолскиот вулкан. Вистински навивачки вулкан. Пречекан како суперспортски „душман“ од рангот на скопски Вардар, Алкалоид го доби најголемиот комплимент за една, според временската рамка на постоење, млада екипа што постои само три години, а веќе им е трн во око на (нај)големите. Респектот што го покажаа чкембарите со полнењето на салата, а на терен го потврдија и мистер Раул Алонсо и неговата „запалена“ дружина играчи, презентирајќи сериозност и пристап кон играта што, според мене, го одлучи натпреварот, имајќи предвид дека Пелистер објективно е поквалитетен.
МИСТЕР РАУЛ Е РАКОМЕТЕН МАНГУП
Напоменав во една моја колумна, веднаш по пристигнувањето во Битола, дека мистер Раул е голем мангуп, кој од почеток знае како да ја купи битолската публика. Сепак, како што одминува времето, особено по зимската пауза и оние натпревари во Лисабон и дома со Динамо Букурешт, сѐ повеќе се наметнува констатацијата дека мистер Раул е многу повеќе од мангуп, тој е ракометен стручњак што знае да анализира противник, да постави игра, да мотивира екипа и, најважно, да направи истата таа да гине за него или за клубот или за градот и чкембарите. Сеедно. Резултатот е ист.
Густа 6-0 зона во средината, со супербрзиот, цврст и агресивен Атанасиевиќ и искусниот Абутовиќ на 3 и 4, релативно плитка, тактички поставена да удвојува кај Брус Ли и да брани топки од пас-игра, горе спрема високите пивоти, зона што има задача да му брани дијагонала на голман и да покаже мускули при секој дуел со противникот. Зона што го анулира главното оружје на Алкалоид на поставен напад, дуел-играта на Митев и неговата соработка со другите бекови и пивотите. Во таква ситуација, принудени да шутираат од надвор, без голем капацитет за истото тоа, со претходно добро направен договор на зоната и голманите, Велковски, Серафимов, Митев и другите бекови беа лесна цел за Свети Никола на голот на актуелниот шампион. Како никогаш досега, Алкалоид беше спуштен на едвај двоцифрен број погодоци во првиот дел и едноцифрени девет погодоци во вториот дел.
ФИТИЉ – ДОВЕРБАТА ОД КЛУБОТ И СТАБИЛНОСТА ОД НОВОФОРМИРАНОТО СЕМЕЈСТВО
Секако, за олку мал број погодоци не беше виновна само одбранбената зона на битолчани туку и нивниот напад, предводен од феноменалниот Кузмановски, кој дефинитивно го подигна нивото на игра, во споредба со пред една година, кога се врати од Бундеслигата. Веќе е јасно, Фитиљ е новиот војсководец на битолската армада, двигател на екипата, голем мотиватор и квалитетен ракометар, кој синоќа беше нерешлив проблем за зоната на Алкалоид. Фасцинантно е колку Фитиљ созреа носејќи го тимот, решавајќи натпревари. Морам да забележам дека, веројатно, голема да не речам огромна улога во созревањето на Фитиљ имаат два сегмента: големата доверба од страна на фамилијата и структурите на клубот и факторот на смирување и созревање преку оформување семејство и добивање своја челад.
Кузмановски ниту може да биде ниту, пак, беше единствениот играч во нападот на битолчани. Комплетниот ростер одигра на ниво. Богдан погоди и од игра и од седмерци, Цветан исто така, кој по одреден период почна важен натпревар и покажа квалитет, Тајник влечеше и напаѓаше, пивотите си бркаа работа, па дури и Борзаш, кој на моменти влезе, даде знаци на живот и потегна по голот на Галец и Кизиќ. Буквално сѐ функционираше и беше на ниво. Но мене еден играч ми запна за око, Осуама (веројатно го погодив името) Хосни. Странец бил, старец бил, а бре овој гине на терен во два правца, 60 минути. Достојно за добивање битолски пасош и негово нотирање во овие редови.
НАПАДОТ НА БИТОЛЧАНИ ГО ОГРАНИЧИ АЛКАЛОИД НА МАЛКУ ПОГОДОЦИ
Привршуваме.
Нападот доби многу дуели и постигна и повеќе од пристојни 33 погодоци. Нападот направи нервоза во зоната на противникот, но и меѓу голманите, кои немаа свој ден. Но, најважно, нападот на Пелистер не дозволи транзиција на противникот, не дозволи лесни погодоци, како уште еден важен фактор во конечниот триумф. Немаше можност за полуконтра и директна контра, барем не во доволна мера за Алкалоид да биде конкурентен во Битола. Мистер Раул не дозволи брз центар блокирајќи го Бинго.
Овој пат нема да масирам за Свети Никола од Битола, затоа што веќе на сите ни е јасно што претставува тој за Пелистер и за македонскиот ракомет.
Што се однесува до гостите, „не игра“ Марко, не игра тимот во напад, особено во ситуација кога негова поддршка на левата бековска позиција е странец, кој барем досега, не покажа дека е додадена вредност на тимот, и можеме да очекуваме во јуни да го спакуваат за сончевата Португалија. За нотирање е настапот на Симба Ѓоргиев, кој беше единствен од задната линија што одигра и храбро и достојно на едно дерби, без разлика на неговите грешки и промашувања. Плитката и на моменти груба зона ги остави на дистанца од голот на Никуч бековите на Алкалоид, а дел од нив поттикнати од сѐ што се случуваше во салата на моменти се додаваа со противничкиот голман.
АЛКАЛОИД ЌЕ НАУЧИ НЕШТО ОД ДЕБАКЛОТ ВО БИТОЛА, ПОТПИШУВАМ!
Завршувам.
Приближно лани ова време „двократниот“ на основа на трите столба триумфираше во Автокоманда, а нешто подоцна во текот на сезоната и Пелистер одигра сличен натпревар, во кој, предводен од Бранко Ангеловски, не дозволи брканица и убедливо се прошета до триумф над својот довчерашен клупски колега. Периодот е ист, рана пролет, по голем настан на нашиот национален тим. Тежок период за тимот на Лазаров, исполнет со критики, скепса и недоверба за патот што го оди тимот и начинот на кој се оди истиот тој. Дојдоа подготвителните натпревари со Романија, бараж-натпреварот со Фарски Острови на гостински терен, како своевидна кулминација…
Знаеме како заврши таа приказна за Македонија со Фараните, кој го освои Купот, па и суперкупот малку подоцна. Ќе научи нешто Алкалоид (читај Лазаров) од дебаклот што му се случи во понеделникот во Битола, за почеток на дел од играчите да им ја истресе водата од ушите и ќе се врати уште посилен и поопасен. Сигурен сум.
А и праксата го покажува тоа.
П.С. Кој е крив за Батакот, зарем е важно кој е крив?
Се гледаме во сала!
Горан Ѓоргоноски
Авторот е поранешен ракометен репрезентативец и основач на проектот „Ракомет за секое дете“