Медиумски Франкенштајн – политжурнализмот

Во една изјава за печатот, пред десетина години, „корифејот“ на демократската соросоидност во Македонија призна дека за уривање на монополите „Нова Македонија“ и МРТВ се потрошени пет милиони долари. Целта била да се либерализира медиумскиот амбиент. Како се одвиваа работите и што се направи? Најпрвин се создадоа дузина самонаречени експертски „владини, провладини и други“ инстанци, разни институти за развој на медиуми, демократии и сл. На чело на овие сомнителни пералници на пари беа „таленти“, кои без никакво оперативно искуство со низа активности и „проекти“ го окупираа вниманието на јавноста и успеаја многу од своите теориски небулози да ги наметнат дури и во законодавната сфера. Потоа следува фазата на таканаречениот див либерализам во медиумите, кој во нашиот транзициско плурален амбиент се вообличи во своевиден медиумски Франкенштајн, кој, еве и ден-денес, никако да се скроти.
Што, всушност, се случи?
Со разбивањето на монополите се случи стравотен пад на професионализмот. Последиците денес се очигледни. Набрзина и најчесто под сомнителни околности се појавија безброј независни медиуми. Најпрвин како гаражни телевизии, радија и фабрички весници, подоцна технолошки до ниво на коректни стандарди, со технички новинарски и продукциски кадар, кој главно потекнуваше од МРТВ и „Нова Македонија“. Во поново време дополнето со социјалните мрежи, многу поткасти, наткасти, портали… сето заедно еден галиматијас, кој сега вегетира и се решава во вид на меѓусебни пресметки, дебати. Амбиентот сличен на гасна комора, создаден како зона на пресметка со стварноста во која излегува на виделина и се решаваат повеќедецениската небрежност, незнаење, алчност, површност, нарцисоидност… и ,како што сега изгледа, работите никако да си дојдат на местото каде што треба да бидат.
Долгогодишниот континуиран стереотип и волунтаристички приод доведе до масовизација, но и стравотен пад на квалитетни креативни програмски содржини, растурање и раситнување на професионални искусни кадри, несоодветно третирање на сопствената реалност, обезличување.Тоа се само дел од последиците на „либерализацијата“ по трнливиот и кревок од во градење и одржување медиумски суверенитет.
Медиумите се процес, условен од дневна ажурност, но и од општествено-историскиот контекст, глобалниот технолошки и економски развој. Можеби ќе беше подобро да се направеше обид за пресврт во внатрешното битие на медиумската дејност, а не уривање и секогаш одново од почеток. Со голо око се видливи трајните последици од колективната небрежност, соросоидниот анархичен бунт и „демократските алатки на дејствување“, сега потврдени и обелоденети и од потезите на новата американска администрација. Од нашиот перцептивен хоризонт ги снема македонските документарни бисери, играни серии, драми, продукциската компонента, пресекот на сопственото битие. Сето тоа е заменето со наплив на странска продукција, која се наметнува како реалност, замена за нашата, која во екот на силните плурални борби за демократизација исчезна од нашиот перцептивен видик. Со неа полека исчезнуваме и ние и се претвораме во безличен модел, медиумски сурогат, на некое друго живеење, постоење, ако што поскоро не поведеме грижа за сопствената продукциска компонента во медиумите.
Предимензионираната репродукциска компонента во вид на вести, многу портали, поткасти, пиар-сеанси… се некои од причините поради што најголемиот дел и количината од информациите молскавично ја одлеваат ѝ онака скудната содржинска супстанција, предизвикуваат деконструкција на целината на реалноста и, се разбира, на политиката како нејзин основен драматуршки столб, ја загрозуваат и тривијализираат како поим и како онтолошки статус.
Во новиот медиумски свет доминира т.н. инфозабава (инфотејнмент), во која клучни стануваат техниките за пропагандно манипулирање и убедување, логичкото наведување, емоционализацијата на публиката, менаџирањето на емоциите и стравовите
Интерактивните онлајн платформи ги наметнаа навиките информативните содржини да се преплетуваат во комуникација со другите луѓе. Коментирањето, споделувањето, критикувањето, исмевањето, тролањето, лајкањето, блокирањето, подучувањето, извртувањето стануваат норма при (или по) информирањето.
Но, повеќе од јасно и очигледно е дека бројот на ТВ и радиоконцесионерите, портали, поткасти, наткасти е зачудувачки голем во однос на потребите на информирањето и одраз на содржинските перформанси на нашата реалност. Во оваа фаза на развиток веќе се наѕира дијагнозата за неисплатливост, неоправданост и практично неодржливост на ваквите состојби.
Следствено, процесот на создавање на јавното мислење сега е децентрализиран и дифузиран, така што освен традиционалните масовни медиуми, сега во креирањето на јавното мислење се вклучуваат и разни нови форми и платформи на електронска и мобилна комуникација, интернетот, социјалните мрежи и сл.
И покрај горенаведеното, бумот на електронските медиуми, платформи, портали, поткасти, наткасти и сл. во суверена и независна Македонија продолжува во рамките на со Уставот загарантираното право за слободно основање институции за јавно информирање и слободата на пазарот и претприемаштвото
За крај: Човештвото нема да загине од војни, туку од здодевност, (з.м.) од едно проѕевање големо колку целиот свет од каде што излезе ѓаволот… Фјодор М. Достоевски

Оваа колумна ја крепам и потпишувам со дел од своето професионално портфолио. Аљоша Симјановски, публицист, филмски и ТВ-режисер со над четириесет години медиумска практика, режисер, одговорен уредник на документарната програма, одговорен уредник на културниот сектор, одговорен уредник на првиот програмски канал, в.д. извршен директор на МРТВ.

Аљоша Симјановски