Фото: „Нова Македонија“

ШАХ – ТУРНИР ВО АВСТРИЈА

Четврта победа на Ристески

Македонскиот интернационален мајстор (ИМ) Емил Ристески ја забележа четвртата победа на меѓународниот шаховски турнир „Опен Грац 2025“ во Австрија. Во претпоследното, осмо коло, Ристески (2.368, рејтинг-поени, рангиран 36-ти пред почетокот на турнирот) со бели фигури го совлада женскиот интернационален мајстор (ЖИМ) од Кина, Ксиао Жанг (2.211, рангирана 98-ма). Во пресрет на последното коло против ФИДЕ-мајсторот (ФМ) од Хрватска, Борна Франц (2.285, рангиран 74-ти), кој ќе ги има белите фигури, Ристески е на 45-то место со пет поени (четири победи, две ремија и два пораза). Неизвесно е на врвот, каде што петмина шахисти имаат по 6,5 поени, предводени од кинескиот велемајстор (ВМ) Чонгшенг Женг (2.558, рангиран трет). А-турнирот во Грац се игра во девет кола со класично темпо на размислување, помеѓу 226 шахисти од 43 земји (11 ВМ, три ЖВМ, 27 ИМ, девет ЖИМ, 45 ФМ, 10 ЖФМ). Прворангиран е ВМ од Словачка, Јергус Пехач (2.603). Г.И.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Рекордни бројки на гледаност на СП 2025

Светското првенство (СП) во алпско скијање што се одржа неодамна во Залбах (Австрија) беше огромен успех на спортски план и создаде рекордни бројки на гледаност, објави Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
Низ дигиталните платформи, годинашниот скијачки Мундијал имаше револуционерни резултати, при што каналите на социјалните медиуми имаа вкупен досег од 116 милиони и повеќе од пет милиони интеракции, над трипати повеќе од она што беше постигнато на претходното СП, во 2023 година.
На самото место скијачите и скијачките ги гледаа околу 175.000 гледачи, со рекордни 23.000 гледачи за слаломот за скијачи на последниот ден од годинашното Светско првенство.
Во земјата домаќин на шампионатот во алпско скијање, Австрија, ОРФ објави висок број гледачи со вкупно пет милиони, речиси 70 отсто од домашната ТВ-публика на возраст од 12 и повеќе години, кои ги гледаа преносите во живо, пишува ФИС. Н.М.