Се подготвува годишната изложба „Професори и студенти“

Годишната изложба „Професори и студенти“ ќе биде отворена во Младинскиот културен центар во Скопје, во двете галерии, на 17 јуни, а аплицирањето е до 15 мај. Потребен е краток опис на настапот со соодветни фотографии од делата.
– Во животот на секој млад творец и креативец клучна улога игра неговиот ментор. Оваа конкретна изложба секоја година гради мост меѓу студентот и неговиот професор, прикажувајќи ги сличностите, влијанијата и разликите преку ликовната уметност како форма на комуникација помеѓу различни генерации. Токму овој спој на разнолики и сеопфатни профили и стилови на уметници ја отвора можноста за продлабочена дискусија за правецот во кој се движи и развива уметноста, на индивидуално и на групно ниво. Создава директен пристап до креативниот процес на сите учесници и остава трага од уметничкиот развој на младите, нови генерации на уметници. Со тоа што се вклучени нивните ментори ја открива нивната основа и примарен извор на инспирација, покрај тоа што нуди заемна поддршка и соработка. Без разлика дали студентите имаат развиено драстично различен стил од своите ментори, како Шиле од Климт, или пак ќе се пронајдат под нивно влијание, тоа е нешто што се открива преку вакво презентирање, кое разгорува понатамошни дискусии. Поентата во умешното менторство е начинот на кој тие го водат и посочуваат својот студент кон сопствено пронаоѓање и интроспекција. Тие служат како водич, но и критичар што ги открива слабите и јаките страни кај младите и ги поттикнува да се развијат во индивидуалци што гордо ќе ги споделат своите идеи и пораки преку нивните дела. Периодот на самооткривање кај секој уметник е значаен и вреди да биде документиран и презентиран пред што поголема публика за добивање поддршка и реакција, која понатаму служи како алатка за подобрување и стекнување самодоверба – вели во најавата за изложбата Наде Циева, студентка на Историја на уметноста.
Благодарение на иницијативи како оваа за организирање и пласирање млади уметници, ние како публика се доближуваме до уметниците, не само професионално туку и лично ги запознаваме нивниот карактер и афинитети. Покрај јасната диференција меѓу студенти и ментори, учесниците се разликуваат и по друг параметар, а тоа е нивното образование и академска заднина. Убавината кај ваквиот тип групни изложби е тоа што нудат можност за соединение на дела од студенти и професори од голем број факултети и академии во државата. Така што вклучени се и од државни универзитети, како што се от на ликовни уметности при УКИМ, Ликовната академија при УГД, Факултетот за уметности при Државниот универзитет во Тетово, но и оние институции од приватен карактер како што се школата за дизајн и уметност „Скала“, Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје, Факултетот за дизајн и мултимедија при ФОН и Меѓународниот балкански универзитет.
Отворањето на изложбата ќе биде на 17 јуни, а ќе имате можност да ја посетите до 30 јуни. Поради тоа што изложбата вклучува учесници од сите овие образовни институции, дополнително и од повеќе ликовни подрачја, како што се сликарство, графика, скулптура, фотографија и дизајн, таа провоцира дискурс околу самите творци за меѓусебна соработка и критика, како и кај публиката, која добива поголема слика за насоката во која се движи и развива македонската уметност.