Министерот за надворешни работи и надворешна политика Тимчо Муцунски утре на маргините на Безбедносната конференција во Минхен, Сојузна Република Германија, ќе има средба со шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев, потврди Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Ова ќе биде прва средба на високи претставници на двете земји по изборот на новата Влада во Софија.
Министерот Муцунски е дел од Делегацијата што ја предводи премиерот Христијан Мицкоски на Безбедносната конференција во Минхен, во чиј состав се и министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Премиерот Мицкоски денеска во Минхен оствари средба со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, на која се разговарале за европските интеграции, за напорите и отстапките кои беа направени на тој план, како и за потребата да се отворат вратите на ЕУ.
Како што соопштија од Владата, Мицкоски посочи дека земјава заслужува да оди напред и конечно да не биде заложник на билатерални спорови и препреки, какви имаше и во минатото многу.
Како што најавија од владината прес-служба, за време на конференцијата премиерот Мицкоски се очекува да има средба и со претседавачот на Минхенската конференција, амбасадорот Кристоф Хојгенс, со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, како и со други политички лидери.
-Претседателот на македонската Влада, Мицкоски ќе биде говорник и ќе земе учество на финалниот настан од затворањето на конференцијата посветен на ЕУ пристапните преговори на Западниот Балкан, како и панел дискусијата на Форин Полиси каде ќе говори за геополитиката, енергетската сигурност и улогата во промените на глобално ниво. Мицкоски ќе ја искористи приликата за лобирање и прикажување на реалната слика од пристапните преговори на државата во поглед на европските перспективи, како и план за развој и економски достигнувања како дел од напорите за економски прогрес и сигурност на граѓаните – се додава во соопштението од Владата.
На 61 Минхенска конференција што се одржува од 14 до 16 февруари ќе се овозможи висок дијалог за клучните надворешни и безбедносни предизвици што се актуелни прашања на политичките лидери. На конференцијата присуствуваат украинскиот претседател Володимир Зеленски, американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс и државниот секретар Марко Рубио.