Со триумфот на Фон Алмен, репрезентацијата на Швајцарија ја заокружи доминацијата на брзинските трки на СП 2025. Џонсон немаше победа на највисоко ниво во 104 претходни обиди, но тоа се случи во Залбах, пишува ФИС. Една година пред олимпискиот спуст, Ледецка го потсети светот на своите извонредни вештини во сноуборд и во алпско скијање

АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ЗАЛБАХ

Фрањо фон Алмен од Швајцарија и Бризи Џонсон од САД се светски шампиони во спуст за 2025 година, откако беа најбрзи на возбудливите трки на Светското првенство (СП) што се одржува во Залбах (Австрија).
Со триумфот на Фон Алмен, репрезентацијата на Швајцарија ја заокружи доминацијата на брзинските трки на годинашниот Мундијал, откако во супервелеслалом победи Марко Одермат. Во спустот, во кој неколку скијачи се менуваа на првото место во текот на трката, втор беше Австриецот Винесент Крихмаер, кој освои златни медали во спуст и во супервелеслалом на СП 2021 во Кортина д’Ампецо, а бронзениот медал му припадна на Алексис Мони од Швајцарија.
Џонсон немаше победа на највисоко ниво во 104 претходни обиди, но тоа се случи во Залбах, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Таа трката ја почна со стартен број еден и потоа никој не го надмина нејзиното време. Сребрениот медал го освои Мирјам Пухнер од Австрија (15 стотинки побавно време), која има и сребро во супервелеслалом од Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2022 година во Пекинг, а бронзениот Естер Ледецка од Чешка.
Една година пред да се одржи олимпискиот спуст за жени во Кортина Д’Ампецо, Ледецка го потсети светот на своите извонредни вештини. Првиот медал од светски шампионат во алпско скијање сега ќе стои заедно со три медали од светско првенство во сноуборд, плус нејзините две олимписки злата во сноуборд и едно злато од супервелеслалом во алпско скијање од ЗОИ 2018, пишува ФИС.
По првата недела на Светското првенство, репрезентацијата на Швајцарија води на табелата со освоени медали, со две златни и по еден сребрен и бронзен медал, а потоа се селекциите на Австрија (1-3-0), Италија (1-1-0), САД (1-0-1), Норвешка (0-0-2), Чешка и на Шведска (0-0-1). На СП 2025 денеска е слободен ден, а утре е тимската комбинација за скијачки (по една трка во спуст и во слалом). Н.М.