ФУДБАЛ
Во англиската Премиер-лига наскоро ќе се воведат две иновации
Судиите треба да објавуваат на стадионот за одлуката по видеопрегледите во англиската фудбалска Премиер-лига од почетокот на идната сезона, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Протоколот се тестира во полуфиналето на англискиот Лига-куп сезонава, а првата објава беше во првиот натпревар на Тотенхем со Ливерпул, кога гол на Тотенхем беше поништен поради офсајд. Тони Сколс, главниот фудбалски директор на Премиер-лигата, им рече на новинарите дека протоколот сега може да се користи и во лигата.
Полуавтоматската офсајд-технологија, пак, може да почне да се користи во Премиер-лигата уште порано, пред крајот на сезонава, пишува АП. Првично, технологијата требаше да биде донесена по една од меѓународните паузи во првата половина од сезонава, но беше одложена поради проблеми во процесот на тестирање.
Сколс рече дека воведувањето на технологијата со потенцијално само неколку меча до крајот на сезоната нема да создаде проблем со интегритетот, а претставниците на лигата рекоа дека се надеваат дека ќе го намали времето потребно за проверка на офсајд во просек за 31 секунда, пишува „Асошиејтед прес“. Н.М.
АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Италија е светски првак во мешан тимски паралелен велеслалом
Репрезентацијата на Италија го изненади светскиот шампион од 2019 година, селекцијата на Швајцарија, освојувајќи злато во мешаниот тимски паралелен велеслалом на отворањето на Светското првенство (СП) во алпско скијање во австрискиот Зелден. Италија, која ја освои бронзата во 2019 година во Оре, никогаш претходно не настапила во финале на светско првенство, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
За Швајцарија тоа беше трет медал во оваа дисциплина, а нејзиниот златен медал во 2019 година дојде по бронзата во 2007 година. Шведска го освои бронзениот медал на годинашното Светско првенство, победувајќи ја репрезентацијата на САД во малото финале. Тоа е седми медал за Шведска во оваа дисциплина, што ја прави најодликувана селекција, со еден медал повеќе од Австрија.
Светското првенство во Зелден продолжува денеска со супервелеслаломот за жени. Н.М.