фото: Кабинет на претседателката

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова присуствуваше на одбележувањето на 80 -годишнината од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен и логор за истребување Аушвиц-Биркенау, во предградието на полскиот град Освиенцим, близу Краков.

Во изјава за медиумите, претседателката Силјановска-Давкова оцени дека присуството на одбележувањето во Аушвиц претставува можност за колективна епифанија и освестеност за тежината на стореното зло. Потсетувањето на холокаустот е клучно за никогаш да не се повтори.

– Не смее да има дете, млад човек, возрасен што не знае за холокаустот. Не смее да има, бидејќи меморијата понекогаш, ако не се негува или ако не се храни може и да ја снема, или може да се извитопери во нешто друго. Сè почнува со проблематизирање, најпрво на бројките, па на процесите и настаните и на крајот некој можеби ќе помисли дека може да се избрише злото. Не, ниту едно зло не треба да се избрише, ниту едно зло не смее да се заборави – изјави претседателката.

Претседателката потсети и на трагичната судбина на македонските Евреи, кои завршиле во логорот Треблинка и повика да се воспостави традиција на организирани посети на логорот.

– Тие се дел од нашиот идентитет и треба да воспоставиме традиција на посета на Треблинка за да им оддадеме почит, за почитта да стане дел од нешто што ќе го практикуваме и ќе потсетуваме велејќи дека не само што не веруваме дека такво нешто ќе се случи, туку ќе покажеме дека додека сме живи и оние по нас никогаш, никој не смее да дозволи такво нешто да се случи – рече Силјановска Давкова.

Комеморацијата во Меморијалниот центар и музеј „Аушвиц-Биркенау“ започна со поздравни обраќања и сведоштва на преживеаните, а во рамки на комеморативниот настан се обратија претседателот на Светскиот еврејски конгрес, Роналд Лаудер и директорот на Меморијалниот центар и музеј „Аушвиц-Биркенау“, Пјотер Цивински.

Со читање молитви и палење свеќи, присутните им оддадоа почит на жртвите на холокаустот пред вагонот од товарен воз, поставен пред главната капија на логорот Аушвиц II-Биркенау, како симбол на одбележувањето на годишнината.

Во рамки на комеморацијата беше приредена пригодна музичка програма во која настапија истакнати музичари, композитори, пијанисти и диригенти од Германија, Полска и Чешка, со еврејско потекло.

На комеморативниот настан, кој се одржа на Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на холокаустот, присуствуваа педесетина шефови на држави и Влади од целиот свет, високи владини претставници, претставници на меѓународни организации, како и преживеани лица од Аушвиц.

Аушвиц денес претставува синоним на холокаустот, теророт, геноцидот и злосторствата од Втората светска војна. Германските нацисти во овој логор убиле околу 1,1 милион луѓе главно Евреи, но и Полјаци, Роми, советски воени затвореници и луѓе од други националности. Во 1945 година војниците на Црвената армија на Советскиот сојуз, од Аушвиц ослободиле околу седум и пол илјади преживеани лица.