Премиерот на Гренланд Муте Б. Егеде

Гренландскиот премиер Муте Б. Егеде деновиве во јавноста излезе со официјален став дека неговата влада интензивно работи на „организирање средба со американскиот претседател Доналд Трамп“. Информацијата ја лиферуваа неколку скандинавски медиуми, а беше пренесена од сите светски медиуми

Гренланд станува топ светска медиумска тема

Премиерот на Гренланд, Егеде, на почетокот на седмицата одржа прес-конференцијата во градот Нук. (Патем споменато, градот Нук е главен и најголем град на Гренланд, каде што е сместено и седиштето на Владата. Градот Нук има население од 17.834 (податок од јануари 2009), од кои 14.862 биле родени во Гренланд. Тоа го прави еден од најмалите главни градови во светот по бројот на населението).

Егеде: Не сакаме да бидеме Данци, ниту Американци

На прес-конференцијата, премиерот на Гренланд, Егеде, се осврна на коментарите на Трамп за промена на карактерот на автономијата на оваа самоуправна данска територија.
– Многу е разбирливо што луѓето се загрижени. Но најважно сега е луѓето да останат смирени. Треба мирно да се сретнеме и да разговараме за ова – изјави премиерот на Гренланд, додавајќи дека неговата влада се обидува да организира состанок со американскиот лидер.
– Не можете да го заобиколите фактот дека ако тие (САД) сакаат да зборуваат за Гренланд, мора да разговараат со Гренланд – истакна премиерот Егеде.
Во врска со скорешната средба Трамп-Егеде, шефот на гренландската дипломатија Вивијан Мотцфелд, кој исто така присуствуваше на прес-конференцијата во градот Нук, изјави дека „таков состанок би можел да се одржи во следните неколку дена“. Гренландскиот премиер Егеде, исто така, ја отфрли опцијата „Гренланд да стане американска држава“.
– Гренландскиот народ мора јасно да каже што сака да биде. Не сакаме да бидеме Данци. Ниту, пак, сакаме да бидеме Американци – рече Егеде.

Трамп: Данска нема да може да го задржи Гренланд како територија

Трамп неделава излезе со уште една интересна изјава во врска со својата иницијатива за Гренланд. Имено, тој во понеделникот изјави дека „Данска нема да може да го задржи Гренланд како територија“, додавајќи дека е важно САД да го контролираат Гренланд.
– Гренланд е од суштинско значење за нас, тоа е од суштинско значење за меѓународната безбедност – изјави новиот американски претседател за новинарите.
Скандинавските медиуми пишуваат дека претседателот на САД, Трамп, веќе разговарал со данската премиерка Мете Фредериксен, која му кажала „во наводно пркосен 45-минутен телефонски разговор, минатата недела дека Гренланд не е на продажба“.
Глобалните сили се обидуваат да го прошират своето влијание на Арктикот. За потсетување, Гренланд е и дом на американска воена база „Питуфик“. Премиерот на Гренланд, Егеде, е свесен за својата позиција, но и за безбедносната и трговска важност на Гренланд. Р.Н.М.


За американската воена база на Гренланд

„Питуфик“, арктичкото „око и уво“ на САД

Американската вселенска база „Питуфик“ е воена база на вселенските сили на САД, која е лоцирана на северозападниот брег на Гренланд. Тоа е најсеверната база на вооружените сили на САД, 1.210 километри северно од Арктичкиот круг и 1.524 километри од Северниот Пол. Арктичката средина на „Питуфик“ вклучува ледени брегови во заливот Норт Стар, два острова (островот Сандерс и островот Волстенхолм), како и фјордот Волстенхолм.
Базата е дом на значителен дел од глобалната мрежа на ракетни предупредувачки сензори на „Спејс делта 4“ и сензори за вселенски надзор и контрола на вселената на „Спејс делта 2“, обезбедувајќи будност за активности во вселената. Базата е снабдена со осетливи апарати со напредни способности за откривање ракети и е во функција на алармирање на командата за воздушна одбрана на Северна Америка (НОРАД), на Вселенските сили на САД, како и на сојузниците на НАТО.
Воената база „Питуфик“ исто така е дом на американската „821. вселенска група“, која е одговорна за поддршка на вселенската база. Натаму, базата е домаќин на 12-та ескадрила за предупредување во вселената (12 СВС), која управува со систем за рано предупредување на балистички проектили (БМЕВС) дизајниран за откривање и следење на ИЦБМ лансирани кон Северна Америка. Во базата „Питуфик“ е сместен „Одредот 1“ од „23-та ескадрила за вселенски операции“, дел од глобалната сателитска контролна мрежа на „Спејс делта 6“. Базата „Питуфик“ има аеродромска писта во должина од 3.000 метри.

Фреквенцијата на аеродромот е околу 3.000 американски и меѓународни летови годишно.
Во базата се наоѓа и најсеверното пристаниште за длабоки води во светот. За да помогне во пристанишните операции, „Питуфик“ е дом на единствениот брод шлепер (реморкер) со име „Ѕвездата во подем“ (УСАФ ТГ-71-9001). Во лето, бродот шлепер придружува танкери со гориво и товарни бродови, ги усогласува со пристаништето и ги поместува сантите од патот додека бродовите влегуваат во заливот Норт Стар.
Вселенската база „Питуфик“ претходно служеше како регионален центар и логистика за блиски инсталации и истражувачки кампови: Кејп Атол (станица ЛОРАН), Камп сентури (Камп на ледената капа), камп ТУТО (рампа и воздушна патека за пристап до мраз), локации 1 и 2 (радарски станици на ледената капа), Пи-маунтајн (локација за радар и комуникации), Џеј-сајт (БМЕВС), Северна и Јужна Планина (истражувачки локации), „Питуфик“ беше од суштинско значење во изградбата и снабдувањето на метеоролошките станици на високиот Арктик, вклучувајќи го и ЦФС алерт (Алерт ерпорт) и Стејшн норд. Р.Н.М.