Во ситуација кога меѓународниот договор не ги исполнува интересите на договорните страни или на една од потписничките или доколку можеби со неговата примена се загрозува или се прави штета барем на една од договорните страни, таа страна слободно, во рамките на меѓународното право, може да го прогласи договорот за неважечки, без никакви натамошни последици
САД ги напуштија меѓународните договори што не се во нивен интерес, може ли и Македонија да размислува слично?
Државите имаат суверено право да ја преиспитаат својата партиципација во меѓународните договори и доколку утврдат дека некој меѓународен договор е на нивна штета, можат веднаш да го раскинат онака како што предвидуваат меѓународните договорни регулативи или, пак, одредбите вклучени во самите договори.
Договорите обично се постигнуваат за да решат одредени проблеми и во својата суштина секогаш треба да се засноваат на Повелбата на ОН, на Виенската конвенција за договорното право, која исто така е донесена под чадорот на ОН, но кога некоја од страните потписнички ќе утврди дека тој меѓународен договор не е во нејзин интерес, едноставно може да се повлече.
Имено, една од првите одлуки на новиот американски претседател Доналд Трамп беше потпишувањето на извршната наредба за повлекување на САД од Парискиот климатски договор од 2015 година, со што уште еднаш го повтори потегот што го направи и во неговиот прв мандат. Наредбата што ја потпиша Трамп сега му наложува на новиот државен секретар Марко Рубио да ги информира ОН дека САД се повлекуваат од меѓународниот договор за климата потпишан во Париз.
– Од овој ден натаму надворешната политика на САД ќе ги застапува основните американски интереси и секогаш ги става Америка и американските граѓани на прво место – се наведува во наредбата.
Овој потег на новиот американски претседател сам по себе говори дека ниту еден меѓународен договор не е вечен и дека секоја држава е должна да ги заштити сопствените интереси, дури и кога тоа подразбира истапување од претходно потпишаните меѓународни договори.
Во ситуација кога меѓународниот договор не ги исполнува интересите на договорните страни или на една од потписничките или доколку можеби со неговата примена се загрозува или се прави штета барем на една од договорните страни, таа страна слободно, во рамките на меѓународното право, може да го прогласи договорот за неважечки, без никакви натамошни последици.
Ова се однесува особено на асиметричните договори што Македонија ги има со Грција и со Бугарија, кои се покажаа како штетни по интересите на државата, намерно го поткопуваат внатрешното единство, ја ставаат земјата во подредена позиција во однос на соседите, спротивни се на меѓународното право и ги омаловажуваат македонските граѓани!
Професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии од Белград, Игор Јанев, појаснува дека во меѓународното право договорите мора да бидат склучени и според принципот Bona fides (со добра верба), во спротивно се раскинливи или рушливи. Актуелното повлекување на САД од меѓународниот договор за климата говори дека меѓународните договори можат да се напуштат, а ако тоа го можат големите, тогаш нема причина зошто да не го прават тоа и помалите држави, особено ако тој договор е во целосна спротивност со меѓународното право и сите конвенции на ОН
Зошто Преспанскиот договор не може да биде извор на правото?
Нема принцип на „добра верба“ во Преспанскиот договор!
Во суштина, Преспанската спогодба е извор на македонски етноцид, процес што се стреми кон бришење на македонската нација и создавање сосема нов народ, вештачки народ произведен лабораториски со спогодбата, која со некои свои одредби е во судир со Виенската конвенција. Од друга страна, дури и во тој таков етноциден договор постојат јасни клаузули што одредуваат како некоја од страните може да излезе од договорите.
Професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии од Белград, Игор Јанев, појаснува дека во меѓународното право договорите мора да бидат склучени и според принципот Bona fides (со добра верба), во спротивно се раскинливи или рушливи.
– Прво, што се однесува на аргументот дека нешто што е потпишано мора да се почитува, тоа претставува генерален принцип и важи само кога немаме прекршување на основните правни норми, бидејќи од неправото не произлегува правото (ex injuria, jus non oritur). Да не должам, потпишан договор и во меѓународно и во домашно право не важи ако има недозволен предмет за склучување, односно предмет спротивен на императивната норма или јавен морал. Со Преспанската спогодба не се менува само името на државата туку и идентитетот! Со промена на идентитетот, договорот од Нивици навлезе во сферата на културен геноцид и затоа мора еднострано итно и безусловно веднаш да се раскине! Еден договор е раскинлив доколку е геноциден, културоциден, етноциден итн., односно сите геноцидни договори се раскинливи! Понатаму, раскинување на договорите може да има ако тие се непреименливи или, пак, се склучени со измама, изнуда, притисок или уцена, заблуда, и сето тоа претставува основ за раскинување, поништување и укинување договори, без разлика дали се домашни или меѓународни акти во прашање – вели Јанев.
Тој ги наведува и правните аргументи за раскинување на Преспанската спогодба до кои може да се придржуваат оние политичари на кои им се важни националните интереси и интересот на државата и на граѓаните, онака како што Трамп објасни при повлекувањето од Парискиот климатски договор.
– Договорот треба еднострано да се раскине, врз основа на прекршување на императивните правни норми, а пред сѐ поради фактот што Преспанската спогодба е асимилаторски акт, со кој се овозможува асимилирање на Македонците во соседството и секаде во светот според принципот ерга омнес („применет за сите“ односно „важи за сите“, т.е. и надвор од билатералниот контекст – а спогодбата овде е дефинирана како билатерална). Асимилацијата, со надворешен правен акт секогаш се смета дека е насилна асимилација односно прекршување на императивното право (jus cogens). Ваквите меѓународни договори, како асимилаторски акти, не се спроведливи во практика и немаат допирни точки со елементарната правна логика. Имено, сите акти со кои се врши „анулација“ (анихилација или асимилација) се „фундаментално прекршување на колективните човекови права, во својата есенција“ – појаснува Јанев.
Според него, постои јасен и прецизен модел како да се направи дипломатското писмо со кое би се раскинал таквиот „идентитетски договор“ (тргнувајќи од фактот дека сите идентитетски договори се направени врз основа на насилство или ставање во заблуда дека се легални).
И други експерти по меѓународно право сметаат дека не постои договор што не може да се раскине, а такви примери во историјата може да се најдат многу. Актуелното повлекување на САД од меѓународниот договор за климата говори дека меѓународните договори можат да се напуштат, а ако тоа го можат големите, тогаш нема причина зошто тоа да не го прават и помалите држави, особено ако тој договор е во целосна спротивност со меѓународното право и сите конвенции на ОН.
– Секој договор постигнат меѓу две страни може да се раскине. Постојат повеќе начини за такво нешто, но особено може да се раскине со волјата на народот. Овој договор е садистички кон нас Македонците, кон повелбата на ОН и меѓународното право – посочуваат експертите.
Тие додаваат дека, според Виенската конвенција за договорното право, договорите содржат еден многу важен непроменлив принцип наречен јус когенс, смислен за да се избегнат војни, етнички чистења, насилни промени на границите, но и геноциди, односно етноциди или култорициди.
– Во Македонија веќе е почнат еден процес од врвни академици, интелектуалци, професори и писатели на докажување дека Преспанската спогодба е извор на македонски етноцид, процес што се стреми кон бришење на македонската нација и создавање сосема нов народ, вештачки народ произведен лабораториски со спогодбата, која со некои свои одредби е во судир со Виенската конвенција. Велиме дека е во колизија, затоа што во тој документ, алфа и омега на договорното право, постојат јасни клаузули што одредуваат како некоја од страните може да излезе од договорите. Па, дури и ултимативниот тон на Преспанската спогодба кон Македонија, сепак, овозможува патишта за нејзино раскинување со утврдени процедури и рокови – констатираат експертите. С.Т.