На секој што пазари, било во маалски или голем маркет, барем еднаш му се случило веднаш штом зграбил кошничка за пазарење да забележи дека таа е извалкана од некој истурен производ од претходните купувачи. Тие си заминале и го оставиле нередот зад себе, а по нив веднаш доаѓаат други, кои се соочуваат со тоа. Но пластичните кошници не се истураат само прехранбени производи, туку се случува да останат и мали количества од детергенти или други хемиски средства. Она што потоа претставува проблем за наредните купувачи е опасноста што може да демне од ваквите секојдневни случки при пазарењето на потрошувачите доколку не се исчистат кошничките. Најпрво, од истурената храна може да се шират бактерии, особено на високи летни температури, но исто така остатоците од хемикалиите на некоја од кошничките можат да дојдат во допир со храната што ќе ја стави наредниот потрошувач, доколку ја употреби истата кошничка. Оваа секојдневна појава загрижила некои од граѓаните, кои се прашуваат дали одговорните во продажбата секојдневно на некој начин ги чистат кошничките за пазарење и дали можеби потрошувачките кошници подлежат на задолжителна законска дезинфекција, токму поради опасноста од ширење бактерии. Ги прашавме и во Агенцијата за храна и ветеринарство, дали кошниците за пазарење подлежат на задолжителна законска дезинфекција, дали можеби тие го контролираат и санкционираат тоа и според кои прописи го прават тоа.
– Кошниците за пазарење се дел од инвентарот во објектите на операторите со храна и за нив важат правилата што се однесуваат на одржување на општата хигиенска состојба во објектот. Како и преостанатиот инвентар, и тие треба редовно да се чистат и дезинфицираат. Станува збор за опрема во која се пазари, но која непосредно не доаѓа во контакт со храната, која, без оглед дали станува збор за храна од неживотинско или животинско потекло, при продажбата, задолжително се пакува во соодветна амбалажа – ни одговорија од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Но, и покрај правилата, се случува граѓаните да најдат понекоја извалкана кошничка. Сами се снаоѓаат и поради истурената содржина пребаруваат по кошничките за да си најдат чиста.
– Секој ден пазарам и во маалските и во големите маркети. Ми се случило при влегувањето во продавница веднаш да земам кошничка за пазарење и да забележам дека е извалкана со млеко од некој што претходно пазарел или, пак, од истурен шеќер или некаква течност. Ова повеќе се случува во маалските маркети, каде што нема многу вработени. Овие примери ме наведоа на размислување кој е задолжен да ги исчисти кошничките за пазарење и дали воопшто е можно тоа да го прават вработените во маркетот што постојано се на касите или, пак, оние што се задолжени за редење на производите. Имаат ли тие време да го прават тоа, особено во големите маркети, со оглед на тоа дека постојано едни потрошувачи влегуваат, други излегуваат, а тоа значи постојано има редици на касите и постојано се доставаат производи на рафтовите. Ако нема кој да ги исчисти кошничките за пазарење, тогаш навистина некој ќе биде принуден да ги користи и валканите, а тоа пак ќе значи само ширење бактерии – вели скопјанката Лилјана Јовева.
Но во големите маркети тврдат дека потрошувачките кошнички многу се контролираат и дека задолжително се прави тоа секој ден.
– Кошниците за потрошувачи се проверуваат секојдневно од страна на вработени задолжени за таа проверка и се реагира веднаш доколку има таква потреба.
Освен отстранување содржини од претходно оштетен производ, доколку има потреба, тие се третираат со вода и средство за чистење. Истовремено би сакала да напоменам дека ние како компанија редовно ги обновуваме сите кошници и колички што ги користат нашите потрошувачи -велат од „Тинекс“.
Како постапуваат со кошниците за пазарење прашавме и во други поголеми и помали маркети, но не добивме одговор.