На 22 јануари (среда), во 19 часот, во Кинотеката на Македонија ќе се одржи промоција на книгата „Милчо за Манчевски“, чиј приредувач е Атанас Чупоски.
– Книгата претставува обид да се опфатат многубројните аспекти од животот и работата на Милчо Манчевски, еден од нашите најнаградувани и во светски рамки најреномирани македонски филмски автори – почнувајќи од деновите на неговата младост поминати во родното Скопје до денес – раниот интерес за театарот и филмот, студиите на филмска академија во САД, почетоците на филмската кариера, педагошката дејност во Њујорк, односот кон политиката и политичарите итн. – и сето тоа дополнето со исцрпна анализа на начинот на продукција, условите за работа, реализацијата, соработниците, режисерската експликација и филмолошката анализа, дистрибуцијата, фестивалите, успехот или неуспехот на седумте негови долгометражни играни филма и сите други краткометражни филмови, како и други пројави на неговата творечка личност – пишува во предговорот Чупоски.
Промотори на изданието се Славица Србиновска, Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и Златко Ѓелески.
По промоцијата, во 20 ч. ќе се одржи проекција на филмот „Прашина“, кој во 2001 г. имаше чест да го отвори фестивалот во Венеција.