Фото: ЕПА

Поради лошите временски услови и поларниот студ, инаугурацијата на Доналд Трамп наместо на отворено пред Капитол, ќе се одржи во затворен простор

Инаугурација на 47-от претседател на САД, Доналд Трамп

Студен арктички бран со температури под нулата што се очекува да зафати поголем дел од САД ги смени и плановите околу инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп. Поради лошите временски услови и поларниот студ, инаугурацијата на Трамп наместо на отворено пред Капитол, ќе се одржи во затворен простор. Ротондата под куполата на Капитол се подготвува како алтернатива за секоја инаугурација во случај на лошо време.
Доналд Трамп објави дека неговата инаугурација како претседател на САД денеска ќе биде преместена во затворен простор поради најавите на метеоролозите за исклучително ниски температури на воздухот.
– Арктичка експлозија ја зафати државата. Затоа, наредив инаугуративното обраќање, покрај молитвите и другите говори, да се одржи во ротондата на Капитол – напиша Трамп на неговата социјална мрежа.
Националната метеоролошка служба соопшти дека во Вашингтон на денот на инаугурацијата се предвидува екстремен студ, при што температурите ќе се спуштат и до минус 11 Целзиусови степени, што заедно со ветрот ќе се чувствува како уште постудено време.
Церемонијата на полагање заклетва последен пат беше преместена во затворен простор во 1985 година, кога претседателот Роналд Реган го започна својот втор мандат. Прогнозата за понеделник предвидува најниска температура за денот на инаугурацијата од 1985 година.
Претседателот во заминување Џо Бајден, членови на Конгресот и други официјални претставници и истакнати гости ќе можат да ја следат церемонијата во Капитол. Потребни се алтернативни планови за повеќе од 250.000 гости што имаат билети за да ја следат инаугурацијата пред Капитол, а уште десетици илјади се очекува да бидат во делови каде што е дозволен пристап или по должината на трасата на инаугуративната парада од Капитол до Белата куќа.
Инаугурацијата на Доналд Трамп ќе почне со богослужба во црквата „Сент Џон“, по што ќе следува чај во Белата куќа. Потоа ќе има музички изведби и воведни говори, по што ќе следува заклетвата на Трамп и Џеј Ди Венс во ротондата на Капитол. Годинава Трамп ќе користи две библии – онаа што му ја дала неговата мајка во 1955 година и Библијата што се користела на инаугурацијата на претседателот Абрахам Линколн во 1861 година.
Трамп најави дека другите настани што ја придружуваат инаугурацијата, вклучувајќи ги и собирот в недела и неговото учество на три инаугуративни бала в понеделник вечер, ќе се одвиваат според планираното. На инаугурацијата ќе настапат кантри-изведувачите Кери Андервуд и Ли Гринвуд, оперскиот пејач Кристофер Мачио и американската дискогрупа „Вилиџ пипл“.
На денот на инаугурацијата, 25.000 лица полициски и воен персонал ќе бидат во округот Колумбија за да обезбедат безбедност, вклучувајќи и целосно активирање на полицијата на ДК, 7.800 војници од Националната гарда и околу 4.000 офицери од целата земја, според Вилијам Меккул, специјалниот агент одговорен за Теренската канцеларија на Тајната служба во Вашингтон. П.Р.


Премиерот Мицкоски ја предводи македонската делегација во Вашингтон

Премиерот Христијан Мицкоски ќе ја предводи македонската делегација што ќе присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за време на работна посета на САД. Како што соопшти владината прес-служба, премиерот на инаугурацијата ќе биде придружуван од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков.
– Очекувањата се дека за време на престојот Мицкоски ќе одржи повеќе билатерални средби, контакти и средби со повеќе луѓе од новата администрација на американскиот претседател. Исто така Мицкоски ќе има средба и со бизнисмени со македонско потекло, каде што ќе стане збор за економска соработка и можни домашни инвестиции – се наведува во владиното соопштение. П.Р.