Претседателот на Владата Христијан Мицкоски на 20 јануари во Вашингтон ќе присуствува на инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп. Како што информираат од Владата за МИА, Мицкоски на 20 јануари ќе присуствува и на свеченоста насловена како „Гласови на слободата“ која ќе се одржи по инаугурацијата организирана од компаниите Трамп медиа и Рампл.
Најавено е дека за време на престојот во Вашингтон, македонскиот премиер ќе се сретне со Хауард Лутник, копретседавач на тимот за транзиција на претседателот Доналд Трамп и министер за трговија, Девин Нунес, претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Трамп медиумската корпорација и со извршниот директор на Рамбл, Крис Павловски. Од Владата посочуваат дека можни се и повеќе други средби.
Ова ќе биде втора инаугурација на Доналд Трамп, кој ќе биде 47. претседател на Соединетите Американски Држави. На инаугурацијата во Капитол се најавува присуство на бројни претседатели и премиери, но и први луѓе на светските организации. Првиот претседателски мандат на Трамп беше од 20 јануари 2017 до 20 јануари 2021 година.
Премиерот Мицкоски во новогодишното интервју за МИА најави дека на 18 јануари заминува во посета на Соединетите Американски Држави (САД), два дена пред инаугурација на новоизбраниот американски претседател Трамп. Во интервјуто за МИА премиерот најави дека за време на посетата на Вашингтон се предвидени многу средби и разговори и теми што сака, како што вели, да ги отвори и да ги затвори. Најави дека ќе оствари средби со водечки луѓе од администрацијата на Вашингтон.
-Покрај Брисел, Вашингтон е исклучително значајно место за нас како држава и за нас како Влада. Очекувам да го привлечам вниманието за САД да гледаат кон Балканот со поинваква оптика. Мора прво регионално да го привлечеме вниманието – Вашингтон да гледа кон нас како регион, а не како единка во тој регион. Да – важна единка, природна крстосница, срцето на Балканот, но, сепак, ако го гледаме Балканот како целина тогаш низ оптиката на Вашингтон поубаво можеме да ги гледаме работите и сакам сето тоа да го презентирам таму, кои се предностите кои ние како мала, убава земја во срцето на Балканот ги нудиме, но и кои се предизвиците за регионот – рече Мицкоски во интервјуто.
Министерот за транспорт Александар Николоски синоќа во телевизиско интервју информира дека тоа што премиерот Мицкоски доби покана да присуствува на инаугуирацијата на Трамп е огромна и ретка работа, и веројатно од регионот е единствениот што ќе присуствува.
-Премиерот доби покана. Тоа е огромна и ретка работа, од регионот веројатно е единствениот што ќе присустува. Нешто што многу говори, покрај државата, и за него лично како е доживеан и како е ценет во најсилната држава во светот. Тоа е огромна чест и за нешто што сум убеден дека премиерот ќе го искористи во најдобро светло да ја претстави Македонија и да ги презентира македонските национални интереси што на крајот на денот, ќе значи бенефит за сите нас – рече Николоски.