Драстичен пад на моќта и на позицијата на Франција на глобално ниво
- Францускиот претседател Емануел Макрон во обраќањето пред француските амбасадори се осврна на голем број меѓународни теми, од Украина до Сирија… Тој притоа силно го критикуваше однесувањето на американскиот милијардер Илон Маск, шеф на социјалната мрежа Икс, но сепак потсети и на срдечните врски што ги поврзуваат Франција и САД. Макрон речиси и да не го спомена проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан
- Во последниве години, геополитичкиот пожар не беше поволен за Франција, која бележи намалување на своето влијание во странство. Вклучувајќи и во областите каде што нејзиното присуство изгледаше непроменливо, а исто така и во големите меѓународни кризи, каде што нејзиното постојано седиште во Советот за безбедност на ОН толку долго ѝ даваше почесно место
Во својот говор пред француските амбасадори одржан на 6 јануари во Елисејската палата, претседателот Емануел Макрон го постави курсот за надворешната политика. Но влијанието на Франција во странство страда од стратегиските промени во светот, но и од економската и политичката криза во Франција. Емануел Макрон се осврна на голем број меѓународни теми, од Украина до Сирија, но речиси и да не го спомена проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан.
Традиционалната конференција на амбасадорите, која му овозможува на претседателот на Франција да го одреди курсот на надворешната политика, се одржа во сенката на „нередот на светот“, карактеризирана, според Емануел Макрон, со „тројно нарушување: стратегиско, технолошко и културно-филозофско“. Во последниве години, геополитичкиот пожар не беше поволен за Франција, која бележи намалување на своето влијание во странство. Вклучувајќи и во областите каде што нејзиното присуство изгледаше непроменливо, а исто така и во големите меѓународни кризи, каде што нејзиното постојано седиште во Советот за безбедност на ОН толку долго ѝ даваше почесно место.
Без еден збор за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан
Покажавме иницијатива. Европа е и наша должност и наша можност, и токму овој метод мора да продолжи. Амбиција на агендата на заедницата, желба за ангажирање билатерални односи низ Европа. Во првиот мандат ги посетив сите главни градови, а истото тоа ќе го направам и во вториот. Затоа, да не попуштаме пред духот на поразот и овој нов фатализам. Европа има место, наше е да ѝ дадеме амбиција, вели францускиот претседател.
– Порано зборував за европската политичка заедница кога зборував за стратегиските аспекти, но тоа е потенцијал за економски раст што треба многу подобро да го мобилизираме. И да бидеме појасни, во времето на последниот чин на масовно проширување што го изведовме, Франција имаше многу помала корист од проширувањето отколку нашите германски соседи. Бевме помалку добро организирани и помалку проактивни. Но нема неизбежност за тоа. Европа заедно има 700 милиони жители, а со тоа и потрошувачи. Тоа е релативно хомоген пазар на луѓе побогати од светскиот просек. Тоа е земја на експанзија и затоа, се надевам дека во рамките на заедничкиот економски пакет, имаме и стратегија на раст, на партнерство што се заснова на оваа желба да се направи – истакна Макрон.
Во европската одбрана „мораме да одиме многу побрзо и многу посилно“
Во однос на европската одбрана, земјите членки мора да се движат „многу побрзо и посилно“ за да ја зајакнат својата одбранбена индустрија во услови на зголемени закани, вели шефот на државата. „Прашањето е дали Европејците сакаат, во следните дваесет години, да го произведуваат она што ќе биде неопходно за нивната безбедност или не“, бидејќи „ако зависиме од американската индустриска и технолошка одбранбена база, тогаш ќе имаме сурови дилеми“, инсистираше Макрон.
Сигурен облог е дека за 15-20 години американски приоритет ќе биде нивната сопствена одбрана наместо одбраната на границите на Европа, оцени францускиот претседател.
– Ако зависиме од одбранбената индустриска и технолошка база на Америка, тогаш ќе имаме сурови дилеми. Ние Европејците мора да извлечеме повеќе од нашите сопствени способности. Така, почнавме да го правиме тоа со иницијативи, со нашите германски, британски, италијански пријатели, со иницијативата ЕЛСА, со неколку европски партнери. Но потребна ни е поголема амбиција и вистинска европска предност во нашите програми. Ние, исто така, треба да одиме многу подалеку на европско ниво, со повеќе инвестиции во Европската Унија и исто така повеќе амбиции во рамките на европската политичка заедница, која мора да биде место на изградба, соработка, одбрана… Зошто? Затоа што е на целиот континент. И тоа не е иста порака или иста граматика како онаа на НАТО. Европската политичка заедница, која Франција ја предложи во 2022 година, што денес е реалност, мора да ја зацврстиме на воено и стратегиско ниво, бидејќи тоа е вистинскиот периметар да работат заедно Британците, Европејците од Европската Унија, Украинците, Молдавците, целиот Балкан и Норвежаните, односно земји што денес се соочуваат со истиот стратегиски предизвик и кои не мора да бидат сите во исти геополитички форуми. Политичката заедница ги зближува затоа што, како Европејци, треба да го прифатат овој стратегиски предизвик – рече Макрон.
На крајот на краиштата, централните концепти на макронската дипломатија, како што е „урамнотежување на моќта“, ја докажаа својата неефективност во свет обележан со насилна спротивставеност меѓу демократиите и автократиите. Огромниот буџетски дефицит на Франција и постојаната политичка криза по распуштањето на Собранието ги заматуваат и сликата и пораките што ги пренесува Елисејската палата, дури и кога дијагнозите се релевантни, како оние што во понеделникот ги постави Емануел Макрон пред амбасадорите.
Политиките на францускиот претседател на тапет
Макрон не прифаќа вина за уназадувањето на Европа?!
Не е за сè виновен Емануел Макрон. Соочена со враќањето на силата во меѓународните односи и подемот на непречените ревизионистички сили, Европа како целина, подобро приспособена за мир отколку за војна, е таа што се уназадува во светот.
Но, во Франција и во странство, многумина го критикуваат Емануел Макрон за неговиот метод, кој придонесе за маргинализирање на францускиот глас. Во Либан, тој беше обвинет дека кажал премногу и не направил доволно, дека ги умножил неисполнетите ветувања по експлозијата на пристаништето Бејрут во 2020 година. Во Израел, неговата цикцак-политика се сметаше за неразбирлива. Откако најпрво предложи меѓународна воена коалиција против Хамас ден по 7 октомври 2023 година, тој ја смени тезата и повика на ембарго за оружје на Израел во најлошото време, само два дена пред првата комеморација на масакрите на Хамас. Соочен со Алжир, тој умножуваше симболични иницијативи со надеж дека ќе ги залечи раните на историјата. Соочен со антифранцуското незадоволство на претседателот Тебун, тој потоа зазеде промарокански пресврт поддржувајќи го „суверенитетот“ на шерифиското кралство над Западна Сахара. Оттогаш, односите меѓу Париз и Алжир се на најниска точка. За Емануел Макрон, Алжир се „обесчестува себеси“ со тоа што го држи во затвор француско-алжирскиот писател Буалем Сансал.
За украинското прашање, другиот голем предизвик со кој Европа ќе треба да се соочи во наредните години, Емануел Макрон предолго и залудно се обидуваше да влијае врз рускиот претседател Владимир Путин, а потоа зборуваше за испраќање западни трупи да го поддржат Киев. Но соочен со враќањето на силата во меѓународните односи, Елисеј, и покрај неговите декларации, нема средства да ги постигне своите амбиции. Знаејќи дека е заштитена со нуклеарна бомба, Франција толку многу ги намали буџетите за одбрана што денес мора да направи голема разлика меѓу зборовите и реалноста. Сепак, тоа ќе мора да трае. Затоа што, дури и ако претседателот ги повика Украинците да „водат реални дискусии за територијални прашања“, според него, нема да има „брзо и лесно решение во Украина“.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур