Присуството на оваа најголема ликовна манифестација кај нас е по покана од кинеските организатори, според кои, битолското графичко триенале е едно од позначајните во светот, со учество на дела од околу 160 земји
Единаесеттото Меѓународно графичко триенале од Битола, од 28 декември е отворено во Музејот на павилјонот „Тијањи“ во Нингбо – културен центар во Република Кина. Со тоа ќе започне неговата повеќемесечна ликовна турнеја, која ќе се одвива во шест кинески големи градови и истакнати културни центри. Овој музеј е и дом на најстарата библиотека во Кина и една од трите најстари семејни библиотеки во светот. Во моментов има речиси 300.000 тома на различни антички книги. Музејот им придава големо значење на странските културни размени и е посветен на презентација и промовирање на интеракцијата помеѓу цивилизациите.
– Присуството на оваа најголема ликовна манифестација кај нас е по покана на кинеските организатори, според кои, битолското графичко триенале е едно од најзначајните во светот и на кое своја презентација бележат околу 160 држави од светот. Покрај тоа, организаторите – кинеската држава, отпечатија обемен и атрактивен каталог насловен „11. Меѓународно графичко триенале – Битола“, во кој, покрај делата и авторите, се презентирани низа најафирмативни текстови за самата манифестација, претставена е Битола во најпозитивна смисла – како еден од културните центри на Балканот, а Кина со тоа ја презема својата благородна мисија да го афирмира, да го истакне, да го популаризира низ азискиот континент и да го потенцира ова тридецениско ликовно постоење како едно од значајните цивилизациски движења на планетарно ниво – велат организаторите.
Во тој контекст, особено признание ќе добие Владо Горески, кој три децении живее со ова ликовно постоење, како и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, за вклученоста на Општината Битола во опстанокот на триеналето, наедно и Министерството за култура и туризам за поддршката на неговото опстојување.
– Презентацијата во Кина е културен настан и афирмација на Битола и нашата земја со непроценливо, исклучително и едно од најзначајните културни и уметнички создавања кај нас, кое е сѐ повеќе претставувано на светско ниво како суштествено движење во развојот и историјата на светската ликовна уметност. Каталогот на 11. Меѓународно графичко триенале – Битола е на 1.000 страници, додека кинескиот каталог ќе биде печатен и во селектирана форма. Ова е почеток на уникатна, долгорочна и константна културна и творечка соработка помеѓу двете држави – велат организаторите.
Основач на триеналето е Владо Горески, кој собра извонредни уметници од повеќе од 160 земји од целиот свет.
В.Д.