Бајден и Трамп со различни пораки за божиќните празници
Актуелниот американски претседател, демократот Џозеф Бајден, во својата божиќна порака се обрати до Американците, но остави впечаток на еден осамен лидер, оставен сам на залезот на својата политичка кариера. Од друга страна, новоизбраниот претседател, републиканецот Доналд Трамп, испрати божиќна честитка со семејна фотографија на која е заедно со својата сопруга.
Во објава на неговата социјална мрежа, Трамп ја објави пораката „Среќен Божиќ“, со фотографија на која тој е заедно со сопругата Меланија. Освен класичната божиќна порака, тој меѓу другото упати и критики кон канадскиот премиер Џастин Трудо и кон демократите. Трамп му порача на канадскиот премиер Џастин Трудо, кој е на удар на канадската јавност поради високите даноци, дека доколку Канада стане 51-та американска сојузна држава, даноците ќе бидат намалени за повеќе од 60 отсто.
Во својата божиќна порака, Трамп повика на кривично гонење на неговите политички непријатели што ги прекршиле американскиот устав и законите во една нефер политичка борба. Трамп упати и силна и решителна порака дека ќе ја реструктуира федералната влада. Р.С.
Зеленски ги негира обвинувањата за поткуп, но призна дека
му понудил „компензација“ на словачкиот премиер Фицо
Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека на словачкиот премиер Роберт Фицо му понудил одредена компензација, но тврди дека не станува збор за поткуп, откако Фицо кажа оти Зеленски на 20 декември му понудил 500 милиони евра од запленети руски средства како поттик за поддршка на членството на Украина во НАТО.
Украинскиот претседател на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер) објасни дека целта на неговата упатена понуда до Фицо е да ѝ се даде надомест на Словачка за загубите поради прекинот на транзитот на рускиот гас. Според него, понудата е дел од напорите за на Словачка да ѝ се обезбеди алтернативен извор на гас, во согласност со напорите на Европската комисија за намалување на зависноста од руска енергија.
– Ние понудивме решенија за компензација на Словаците за загубите, како и алтернатива на транзитот со кој било друг гас освен рускиот – напиша Зеленски. Тој кажа и дека Фицо претпочита соработка со Русија наместо со Европската комисија и Украина.
– Тој се бори за пари и лични интереси – додаде Зеленски за Фицо.
Забележливо е дека украинскиот претседател ја засили реториката три дена по посетата на Словакот на Москва, обвинувајќи го словачкиот премиер дека ги користи руските енергетски попусти на штета на својот народ. Р.С.
Турската армија ги напаѓа курдските милитанти во соседна Сирија
Турската армија ликвидира 21 курдски милитант во северна Сирија и Ирак, соопшти турското министерство за одбрана. Министерството соопшти дека 20 милитанти на Курдистанската работничка партија (ПКК) и сириските Курди ЈПГ, кои се подготвувале за напад, биле убиени во северна Сирија, додека еден милитант бил убиен во северен Ирак.
– Ние ефективно и решително ќе продолжиме со нашите операции – додаде Министерството.
ПКК, прогласена за терористичка организација од Турција, Европската Унија и САД, започна оружен бунт против турската држава во 1984 година, а во конфликтот загинаа повеќе од 40.000 луѓе. Турција ја смета ЈПГ, водечката сила во Сириските демократски сили (СДФ) поддржани од САД, за продолжување на ПКК и на сличен начин ја класифицира како терористичка група.
По падот на сирискиот претседател Башар ал Асад претходно месецов, Анкара инсистираше ЈПГ да се распушти, тврдејќи дека групата нема место во иднината на Сирија. Непријателствата меѓу сириските фракции поддржани од Турција и ЈПГ продолжуваат во североисточна Сирија. Анкара редовно извршува прекугранични воздушни напади и воени операции насочени кон ПКК, која има бази во планинските региони на северен Ирак. Р.С.