Пешачкиот простор постојано е узурпиран од автомобили, а граѓаните, наместо по тротоарите, пешачат по коловозите на скопските улици. Постојано бараат надлежните да им го вратат пешачкиот простор. Пред неколку дена во општината Центар тоа им беше накратко овозможено откако пајак-службата ги расчисти нелегално паркираните автомобили. Но, и покрај присуството на пајак-службите и сообраќајната полиција, возачите никако да се дисциплинираат, па повторно паркираат на пешачките простори.
Од „Паркинзи на општината Центар“ (ПОЦ) велат дека секојдневно подигаат по триесетина возила дневно само на територијата на централното градско подрачје. И тие го потврдуваат фактот дека колку и да гледаат граѓаните дека со полна пареа се собираат нивните автомобили, никако да се научат да не ги паркираат возилата таму каде што не треба. Несовесните возачи не само што се недисциплинирани во сообраќајот туку се недисциплинирани и кога паркираат. Тие не водат сметка дека предизвикуваат опасност по другите токму затоа што се паркираат на недозволени места. Така ги загрозуваат пешаците, но и велосипедистите.
– И пешачам и возам велосипед низ градов и навистина во некои делови не се поминува ниту пеш, ниту со велосипед. Така е на пример на улицата Цветан Димов во Чаир, каде што од паркирани возила не се поминува. Потоа, често забележувам дека морам слалом да пешачам и во Дебар Маало, каде што малку се среди хаосот. Кога одам по улицата Рузвелтова, повеќе пешачам по коловозот, односно сведок сум дека и откако пајак-службата ќе расчисти, утредента пак е преполн тротоарот и морам да пешачам повеќе по коловозот отколку по тротоарот. Паркираните автомобили, за жал, ги преполнија улиците, но и тротоарите – вели скопјанката Зорица Трајчевска.
Според Законот за безбедност на сообраќајот и патиштата, возачот, односно сопственикот на возилото не смее да го запре или паркира возилото на место на кое тоа би ја загрозувало безбедноста на другите учесници во сообраќајот или би претставувало пречка за нормално одвивање на сообраќајот или за движењето на пешаците и велосипедистите. Во спротивно, доколку не се почитува законот, се предвидува казна од 45 евра во денарска противвредност, со можност за регистрирање 25 негативни поени. Оваа одредба би требало да ги заштити и да им овозможи непречено минување на велосипедистите и пешаците на тротоарите. Но како што може да се забележи во некои делови од нашиот град, пешаците и велосипедистите, наместо да одат по тротоари, пешачки и велосипедски патеки, принудени се да се движат по коловозните ленти на улиците, бидејќи тротоарите и велопатеките се исполнети со автомобили. На овој начин и пешаците и велосипедистите, како омаловажени учесници во сообраќајот, се принудени да го изложуваат својот животот на опасност.
Билтен на СВР- Скопје вели дека од акцијата во вторникот што ја реализира пајак-службата биле затекнати 94 возила што се непрописно паркирани, а со помош на специјалното возило пајак биле отстранети 63 возила. Од јавното претпријатие „Паркинзи на општината Центар“ информираат дека во просек бројот на непрописно паркирани возила подигнати од пајак-службата варира од 30 до 35 возила дневно. Што значи бројката на месечно ниво во текот на оваа година е константна и изнесува од 750 до 800 возила. Се поставува прашање дали од изречените парични казни несовесните возачи учат да не се паркираат на несоодветни места? Дали со зголемените акции и честите казни се одвлекуваат граѓаните од ваквото однесување?
– Во согласност со акциите што ги спроведуваме во соработка со СВР-Скопје, пополека успеавме да воведеме ред првенствено во секторот Дебар Маало, но и во другите сектори со кои стопанисува ЈП „Паркинзи на општината Центар“. Во соработка со општината Центар, на неколку локации, како на улиците Народен фронт, Наум Наумовски-Борче и Костурски херои, беше поставена урбана опрема што не дозволува паркирање на нивните тротоари, а во координација со СВР-Скопје на најфреквентните улици се поставени неколку патроли што ги контролираат паркирањето и самото одвивање на сообраќајот за намалување на несовесното однесување на возачите – велат од ПОЦ.
Оттаму додаваат дека секојдневно наидуваат на голем број непрописно паркирани возила. ЈП „Паркинзи на општината Центар“ во наредниот период ќе продолжи со едукативни кампањи и проекти што ќе повикуваат на совесно и правилно паркирање. Според досегашните информации, може да се заклучи дека, за жал, сообраќајната свест на учесниците во сообраќајот сѐ уште е на многу ниско ниво. Според тоа, граѓаните треба да знаат дека јавните претпријатија задолжени за овој проблем ќе продолжат со ваквите акции и наредниот период.