Детскиот ум, иако многу слободен и креативен, треба да знае што е добро, а што лошо, да поставува граници и да не потпаѓа под влијание – е пораката на филмот

Премиера на „Ракетно моделарство“ на Златко Калеников

Премиерата на краткометражниот игран филм „Ракетно моделарство“, работен по сценарио и режија на Златко Калеников, а во продукција на „Стримон филм Скопје“, се одржа во полната сала на киното „Синеплекс“. Од бината, публиката беше поздравена од дел од екипата на филмот, која ја сочинуваат познатите македонски актери: Никола Ристановски, Катерина Коцевска и Петар Мирчевски, како и децата што играат во филмот, Дамјан Ѓуроски во улогата на Калин, Матја Милан како Леа, Бранислав Пеликон како Нешко и Максим Радевски во улогата на Стајка, потоа продуцентите на филмот, Златко Калеников и Марија Димитрова, директорот на фотографија, Наум Доксевски, сценографката Александра Чевреска, костимографката Роза Трајческа-Ристовска…
Проектот беше реализиран со поддршка од Агенцијата за филм на Македонија и Македонската радио-телевизија, а обработува тема од детскиот живот, каде што сите ние сме биле некогаш под нечие влијание. Децата се најмногу изложени, особено во денешницата, на влијанието на возрасните, на средината, како и на пороците. Филмот е за конфликтот меѓу исполнувањето на сопствениот сон и туѓото влијание врз неговото остварување. Низ едно детско хоби се покажува колку туѓото влијание може да биде пресудно за животот на детето и детскиот сон.
Главен лик е Калин, дете на 11-годишна возраст што сонува за вселената и патот до неа. Тој сака еден ден да биде космонаут или инженер што ќе гради ракети. Калин е запишан во „Народна техника“, образовна институција од тоа време, во која одат деца со слични желби и фантазии, млади научници, кои сакаат да градат ракети, авиони, бродови, електронски помагала, компјутери, монитори, радија итн. Калин ги посетува часовите по ракетно моделарство, на кои учи да изгради ракета, модел што лета на барут. Тој живее во соба со својата помала сестра Леа, која секогаш сака да биде како Калин и да биде дел од неговите научни проекти и игри… В.Д.