Фото: Принтскрин

Писмо за намери за поддршка на првиот проект за 100-проценен електричен кар-шеринг, односно систем за споделување електрични возила, на словенечката приватна компанија „Авант кар“ денеска потпишаа првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Се работи за приватна инвестиција на „Авант кар“ од Словенија  во систем за заедничко користење на возила, а се предвидува проектот да придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје, намалување на сообраќајниот метеж и развој на модерни транспортни решенија. Неговата тест фаза ќе почне во февруари, а во март ќе може да се почне со целосната услуга. За користење на услугата ќе биде неопходна мобилна апликација преку која ќе се наоѓа достапно електрично возило, а плаќањето ќе биде дигитализирано или преку платежна картичка. За изнајмувањето електрична возило ќе се плаќа по минута и изминат километар. Во февруари ќе се знае колку ќе чини изнајмувањето, но како што вели сопственикот на „Авант кар“, Матеј Чер е пониско од користењето на такси услуга и во просек ќе биде од три до шест евра, а од центарот на градот до Скопскиот аеродром ќе чини од 10 до 15 евра.  Како што најави Чер, веќе се подготвени 100-тина електрични возила за Скопје.

Гази Баба, Аеродром и Чаир ќе бидат пилот општини каде ќе биде поставена инфраструктура за полнење на електричните возила, а полначите според министерката Божиновска ќе се напојуваат исклучиво со електрична енергија произведена од обновливи извори на енергија.

Таа истакна дека е за поздравување секоја иницијатива која придонесува да се смени сегашноста на подобро.

-Овој договор претставува партнерство изградено на иновација, акција и заедничка верба дека јавните институции и приватните компании можат заедно да постигнат одлични резултати. Авант кар веќе го докажа трансформативниот потенцијал на своите проекти во Љубљана, Дубровник, Загреб и Виена. Нивниот систем за споделување електрични возила значително го намали сообраќајниот метеж и го подобри квалитетот на воздухот. Нивната иновативна инфраструктура за полнење напојувана со обновлива енергија постави репер за решенија за зелена мобилност- рече Божиновска.

Нагласи дека системот за споделување на електрични возила не е само модерен начин на транспорт, туку е и доказ за нашата амбиција да се усогласи технологијата со одржливоста.

-Со вакви иницијативи испраќаме јасна порака – Македонија е земја што ја вреднува својата иднина и презема акција за да ја обезбеди. Покажуваме на приватниот сектор дека ова е место каде иновациите успеваат, а инвестициите носат трајни резултати- потенцира Божиновска.

Вицепремиерот Меџити истакна дека Скопје мора да направи нешто за да го врати чистиот воздух, здравата животна средина и зелените перспективни, нешта што ги изгуби.

-Денеска започнуваме нешто за што се надеваме дека ќе остави почисти улици, поздрави граѓани и светла иднина за Скопје. Потпишувањето на писмото за намери претставува конкретна и видлива акција за решавање на еден од најгорливите предизвици со кои се соочуваме, загадениот воздух. Претставува можност за поздраво и поеколошко Скопје- посочи Меџити.

Целта е, додаде, на овој начин директно да влијаеме на намалување на емисиите на ЦО2 и загадувањето што е и приоритет на МЖСПП, а воедно и граѓаните да имаат можност за поекономичен транспорт.

-Како Министерство нашата задача е да ги поддржуваме ваквите иновативни решенија кои имаат директен и позитивен ефект врз животната средина. Овој проект е доказ дека е можно преку јавна поддршка и приватна иницијатива да создадеме поздрави урбани средини- рече Меџити и додаде дека верува оти електричниот кар-шеринг ќе биде модел и за другите градови во земјава и ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж.

Компанијата „Авант кар“ е присутна на пазарот повеќе од 20 години и работи во Словенија, Хрватска и Австрија. Пред 12 години почна со електрична мобилност и во моментов има повеќе од 10.000 електрични возила. Со кар-шеринг започна во 2016 година во Љубљана каде сега тоа е дел од јавниот транспорт и го користат сите слоеви на заедницата.