Фото: „Нова Македонија“

Новогодишната кошничка содржи околу илјада производи во околу 50 маркети и во над 500 продажни места во земјава. Пазарниот инспекторат континуирано прави контроли. Има одредени мали забелешки, но тие не ја нарушуваат акцијата

Проверка на терен: Добар развој на акцијата „Новогодишна кошничка“

Непречено се одвива акцијата „Новогодишна кошничка“, во која бројот на производи опфатени со намалена цена од барем 10 проценти надмина илјада, констатира Марјан Ристески, заменик-министер за економија и труд, по направениот мониторинг во еден од поголемите прилепски маркети, заедно со претставници од бизнис-секторот.
– Продолжува мониторингот на учесниците во новогодишната кошничка, односно маркетите, кои се директно поврзани со потрошувачите, односно купувачите. Во мониторинг сме на еден од локалните прилепски маркети, во синџирот од повеќе од 20. Гледаме дека производите што ги понуди Стопанската комора во новогодишната кошничка се одлично означени со претходната цена, која е прецртана, и со најмалку 10 насто намалување. Тоа е добро за визуелен ефект на граѓаните за да може да ги препознаат производите што се со намалена цена – изјави Ристески.
Новогодишната кошничка содржи околу илјада производи во околу 50 маркети и во над 500 продажни места во земјава. Пазарниот инспекторат континуирано прави контроли. Има одредени мали забелешки, но тие не ја нарушуваат акцијата. Ристески уште еднаш ги повика граѓаните да реагираат и да пријават неправилности на бројот 191 на Државниот пазарен инспекторат. Според заменик-министерот, и понатаму ќе продолжи мониторингот на цените од новогодишната кошничка и во еден од тие мониторинзи ќе бидат вклучени и синдикатите и организацијата на потрошувачи на Македонија.
Претходно и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, по посета на маркети во Скопје, оцени дека цените на производите од новогодишната кошница се намалени за 10 проценти и повеќе. Беше посочено и дека инспекторите од Државниот пазарен инспекторат не регистрирале отстапување од договореното за поевтинување на производите за 10 проценти во однос на нивната најниска цена во последните 30 дена пред почетокот на акцијата. Акцијата „Новогодишна кошничка“ со производи со намалени цени за барем 10 проценти ќе трае до 15 јануари. Акциската листа опфаќа леб и житарки, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) пијалаци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго. Тие производи на полиците во трговските синџири треба да бидат обележани со етикета и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како дел од кампањата на Владата.
За заштита на стандардот на граѓаните поради покачувањето на цените, што е особено карактеристично пред празниците, покрај новогодишна кошница, Владата најави и велигденска и рамазанска кошница. Е.Р.