Фото: ЕПА

Карлсен, кој во финалето го совлада Непомнијашчи, го освои секое завршно издание на ова натпреварување од неговото почнување во 2020 година. Финалето на Шампионската турнеја за 2024 година се одржа во Осло, каде што осумте најдобри финалисти на турнејата се натпреваруваа во различни формати за да го одлучат шампионот, а играа двокружно, по што следуваше етапа за опстанок, па полуфинале и финале

ФИНАЛЕ НА ШАМПИОНСКАТА ШАХОВСКА ТУРНЕЈА

Норвешкиот велемајстор (ВМ) Магнус Карлсен го победи ВМ од Русија Јан Непомнијашчи со 4-1 за да триумфира петти пат во низа во финалето на Шампионската шаховска турнеја за 2024 година. Освојувајќи ја првата награда од 206.000 долари, Карлсен го освои секое завршно издание на ова натпреварување од неговото почнување во 2020 година.
Првите двe партии беа одлучувачки на дуелот со Непомнијашчи, Норвежанецот загуби само две поединечни партии во текот на завршниот турнир. Поранешниот двократен предизвикувач на светскиот првак Непомнијашчи загуби два меча, од Карлсен и од Французинот Алиреза Фирузја, но потоа победи во петте преостанати дуели на патот до финалето, пишува специјализираната интернет-страница „Чес“.
Што се однесува до претходните средби на овие двајца шахисти, Карлсен го победи Непомнијашчи со 7,5-3,5 во 2021 година, кога последен пат ја одбрани титулата светски првак во класичен шах. Тој исто така ја доби нивната претходна средба, со 3-2, на Големата шаховска турнеја во четврт-финалето на купот на генерацијата „Јулиус Баер“ во 2024 година. Последната партија на ова финале Норвежанецот ја заврши со победа по 23 потези во француската одбрана, кога и нерешено му беше доволно за триумф. Карлсен објасни дека овој формат на игра му одговара.
– Мислам дека форматот сосема ми одговара, оти вршев голем притисок врз моите противници во овие партии. И да ме победиш на турнир е многу можно, но да ме победиш во меч е многу потешко – рече Карлсен, пренесе „Чес“.
Тој додаде дека и претходно губел партии од некои од натпреварувачите, вклучувајќи го и самиот Непомнијашчи, како и од силните ВМ Вашер-Леграв и Фирузја, но дека почесто е во состојба да ги надмине.

– Денеска беше добро. Одлично е да се помине неделата тука со многу луѓе што ги познавам – вели Карлсен, истакнувајќи дека се видел со некои стари познаници, како некој постар господин, кој го победил Карлсен во 1999 година на неговиот прв турнир за возрасни, пишува интернет-страницата „Чес“.
Финалето на Шампионската турнеја за 2024 година се одржа во Осло (Норвешка), од 17 до 21 декември. Осумте најдобри финалисти на турнејата се натпреваруваа во различни формати за да го одлучат шампионот. Тие играа двокружно, по што следуваше етапа за опстанок, па полуфинале и финале.
Во регуларниот дел, во кој се играа две партии двокружно со темпо од 10 минути плус две секунди по секој потег, со дополнителна армагедон-партија (ако резултатот биде нерешен), Карлсен беше прв со шест поени (загуби само од Фирузја со 1-2), и заедно со второпласираниот, Фирузја со пет поени, директно се пласира во полуфиналето (се играа по најмногу шест партии), а последните двајца на табелата отпаднаа од понатамошна конкуренција. Преостанатите четворица се бореа за пласман на фајналфорот.
Наградниот фонд беше 500.000 долари, а 206.000 долари доби победникот, второпласираниот 105.000, третопласираниот 55.000 долари итн.
Табела за 2024 година: Магнус Карлсен (2.831 рејтинг-поени), Јан Непомнијашчи (2.755), Алиреза Фирузја (2.763), Максим Вашер-Леграв (2.731), Денис Лазавик (2.578), Винсент Кејмер (2.733), Левон Аронијан (2.747), Весли Со (2.747). Г.И.


СИТЕ ГОЛЕМИ ТРОФЕИ НА КАРЛСЕН

ТУРНИР БРОЈ НА ПОБЕДИ
Светски првак 5
Светски првак во брз шах 7
Светски првак во забрзан шах 5
Победник во Светскиот куп 1
Турнир на кандидати 1
Турнир Норвешки шах 6
Шампионска серија 5
Турнир Лондон шах 4
СП во брзински шах 4
Турнир Гренхе шах 3
Гранслем-турнеја 3
Гранд чес серија 3
Турнир Синкфилд куп 2
Турнир Меморијал Таљ 2
Турнир во Нинџинг 2