фото: „Стримон филм Скопје“

Премиерата на краткометражниот игран филм „Ракетно моделарство“, работен по сценарио и режија на Златко Калеников, а во продукција на „Стримон филм Скопје“ ќе се одржи утре (23 декември) со почеток во 20 часот во „Синеплекс“.

Филмот обработува тема од детскиот живот, каде што сите ние сме биле некогаш под нечие влијание.

Главен лик е Калин, дете на 11-годишна возраст што сонува за вселената и патот до неа. Тој сака еден ден да биде космонаут или инженер што ќе гради ракети. Калин е запишан во народна техника, образовна институција од тоа време, во која одат деца со слични желби и фантазии, млади научници, кои сакаат да градат ракети, авиони, бродови, електронски помагала, компјутери, монитори, радија итн. Калин ги посетува часовите по ракетно моделарство, на кои учи да изгради ракета, модел што лета на барут. Тој живее во соба со својата помала сестра Леа, која секогаш сака да биде како Калин и да биде дел од неговите научни проекти и игри.

Во филмот играат познатите македонски актери: Никола Ристановски, Катерина Коцевска и Петар Мирчевски. Главните детски ликови ги играат: Дамјан Ѓуроски во улога на Калин, Матја Милан во улога на Леа, Бранислав Пеликон во улогата на Нешко и Максим Радевски во улогата на Стајка.

Продуценти на филмот се Златко Калеников и Марија Димитрова, директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографијата е на Александра Чевреска, а костимите на Роза Трајческа-Ристовска.

Проектот е реализиран со поддршка од Агенцијата за филм на Македонија и Македонска радио-телевизија.