Отворена изложбата на Мила Добревска

Самостојна изложба со наслов „Ескапизам: Меморијата и идентитетот“ на младата мултидисциплинарна уметница Мила Добревска е отворена во Националната галерија на Македонија, во објектот „Мала станица“. Изложбата го истражува човековиот копнеж за ослободување преку живи, емоционално наполнети дела инспирирани од македонското наследство и модерната интроспекција.
– Обредите, традициите и начинот на славење отсекогаш биле дел од нашата културна и лична приказна. Тие не само што ги поврзуваат генерациите туку претставуваат и форма на ескапизам – моментална пауза од секојдневието и бегство во светот каде што симболиката, редот и заедничкото ја надминуваат индивидуалната реалност. Ескапизмот е универзална човечка желба да се оддалечи од барањата на реалноста и да се најде прибежиште во имагинацијата, соништата и моментите на блаженство. Без разлика дали тоа е преку краткотрајната мечта, ритамот на танцот или живописните шари на народната традиција, ескапизмот ни овозможува моментално да го надминеме обичното и да се поврземе со нешто поголемо – нашето внатрешно јас, со културните корени или дури и со нашите најголеми фантазии – вели кураторот Стефан Александар Јовановски.
Според него, во делата на Мила ескапизмот станува мост меѓу минатото и сегашноста.
– Македонските традиции, како орото или сложените дезени на везовите, со генерации служеле како бегство, нудејќи радост, заедништво и отпорност во тешки времиња. На сличен начин, нејзините смели и контрастни композиции нè повикуваат да размислиме како денес создаваме моменти на занес – преку уметност, имагинација или саморефлексија. Делата на Мила одекнуваат со живописни бои и текстури, црпејќи инспирација од народниот вез и колективната енергија на македонската култура. Овие елементи се испреплетуваат за да ја прикажат двојноста на ескапизмот – мали паузи на задоволство или големи мечтаења полни со надеж. Делата не се само визуелно уживање туку и покана за размислување: дали ескапизмот е само бегство или е и пат за рефлексија и лична трансформација, како традициите, кои некогаш биле прибежиште, стануваат дел од нашиот модерен идентитет, што значат обредите и уметноста во контекст на современите човечки „занеси“ – вели Јовановски.
Мила Добревска неодамна магистрира на Академијата за ликовни уметности во Равена, Италија, со специјализација во современ мозаик. Таа е активна членка на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и на МАРТЕ, асоцијација за современ мозаик. Досега имала голем број групни изложби и натпревари на интернационално ниво во Националниот музеј на Равена, библиотеката „Маника лунга“ во Равена, „Театро спериментале“ во Пезаро, националната галерија „Чифте-амам“ во Скопје, МСУ во Скопје, „Паратисима“ во Торино. Има реализирано три самостојни изложби, во МКЦ (2022), во галеријата „Пионери“ во Барселона (2024) и во Љубљана, Словенија (2024). В.Д.