Првиот рекорд беше во трката на 400 метри слободно, а вториот рекорд на двојно подолгата патека

ПЛИВАЊЕ – СП 2024 ВО 25-МЕТАРСКИ БАЗЕН

Македонскиот пливач Никола Ѓуретановиќ (17), кој настапи на годинашниве Летни олимписки игри (ЛОИ) во Париз, постави два македонски рекорда на Светското првенство (СП) во 25-метарски базен во Будимпешта (Унгарија).
Првиот рекорд го постави во трката на 400 метри, со време од 3:53,05 минути, односно за девет секунди подобро од неговото пријавено време за ова СП, но и за три секунди и 27 стотинки побрзо од досегашниот македонски рекорд, кој беше во сопственост на Марко Блажевски. Со ова време тој го освои 40-то место меѓу 49 натпреварувачи. Ѓуретановиќ го постави вториот македонски рекорд во трката на 800 метри слободно со време од 8:06,79 минути, подобрувајќи го досегашниот за три секунди.
– Ова е само почеток на една нова ера. Време е институциите, како што се Министерството за спорт, Македонскиот олимписки комитет и Сојузот на спортови на Скопје, будно да го следат успехот на нашиот клуб и на спортистите како Никола. Само со заедничка поддршка, Македонија ќе го достигне врвот на светскиот спорт. Горди сме на нашата иднина, а Вардар 2018 е тука да ги води најдобрите до врвот – информираат од ПК Вардар 2018.
Унгарската престолнина има богата историја на домаќинства на врвни светски водни натпревари, откако успешно ги организира изданијата на СП во водни спортови во 2017 и во 2022 година, како и голем број настани од Светскиот куп. Сепак, ова СП во базени од 25 метри првпат се одржа во Унгарија. Во пресрет на последниот ден, убедливо најуспешни беа САД со вкупно 30 медали, од кои 14 златни, 11 сребрени и пет бронзени. Г.И.