Брифинг за степенот на борбената готовност на Армијата за 2024 година пред претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Силјановска Давкова, ќе се одржи денеска во Домот на Армијата во Скопје.
Како што најави Генералштабот на Армијата, пред врховниот командант на Армијата, Гордана Силјановска Давкова, во присуство на министерот за одбрана, Владо Мисајловски, претставниците на Кабинетот на претседателката и генералите во Армијата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски ќе информира за реализацијата на плановите, задачите и состојбата во Армијата во текот на 2024 година.
Брифингот е редовна годишна обврска на началникот на Генералштабот пред врховниот командант, чија цел е претставување на состојбата во функционалните области кои имаат влијание на борбената готовност на Армијата.
Претседателката Силјановска Давкова ќе биде информирана за состојбата и степенот на реализација на активностите во областите на персонален менаџмент, обука и вежби, операции во земјата и странство, опрема и инфраструктура, воено планирање и структура на сили, модернизација, буџетирање и финансирање.